Предизвици во меѓуетничките односи и економијата доколку нема покана за членство во НАТО
Македонија ги исполнува условите за НАТО како и во 2008-та, но ако не добие покана на претстојниот Самит во јули, ќе се соочи со предизвици во меѓуетничките односи и економијата, вели националниот НАТО координатор, Пендаровски. Од канцеларијата на Северноатланската алијанса во Македонија велат сѐ уште има место за нови знамиња пред новото седиште на НАТО во Брисел.

Македонија ги исполнува сите критериуми за НАТО како во 2008-ма година, освен решението за разликата за името, за кое интензивно се преговара, вели националниот координатор за НАТО, Пендаровски. Доколку Македонија не добие покана за членство на престојниот Самит на алијансата во јули, ќе се соочи со предизвици во демократските процеси, меѓуетничките односи и во економијата.
„Ако не добиеме покана за влез во следниот период, предизвик за Република Макеоднија, наспроти нечии катастрофални предвидување, нема да биде да го сочуваме територијалниот интегритет и суверенитет, бидејќи такви закани нема, туку ќе биде повторно на планот на развојот на демократските институции и се разбира натамошниот економски развој, особено од аспект на странските инвестиции. Најголемиот предизвик за нас, со или без НАТО, бил и ќе остане внатрешната кохезија на општеството“, изјави Пендаровски.
Вратата на НАТО е отворена и се надеваме дека Македонија наскоро ќе стане следната членка, вели шефот на канцеларијата во Скопје, капетан на фрегата Бартол.
„Сакаме да успеете и да станете следна членка на НАТО. Напредокот на вашата земја на патот кон ЕУ е добар за напредокот и просперитетот на регионот. НАТО ја гледа државава како важен партнер и благодарни сме за придонесот за мисијата во Авганистан и поддршката за КФОР. Сите во НАТО ве поддржуваме за членство и сакаме земјава да биде стабилна, просперитетна и слободна“, изајви шефот на канцеларијата на НАТО во Скопје, капетан Горазд Бартол.
Приемот на Македонија во НАТО ќе придонесе за стабилизација на регионот и ќе ја зголеми поддршката кај македонските граѓани, оценија говорниците на трибината.
Ирина Гелевска
