Сѐ уште не се познати причините за пожарот во „Макстил“
Од компанијата велат дека огнот избувнал во погонот Челичарница, кој не работел од 29-ти април годинава. На терен од синоќа се инспекциските служби и раководството на компанијата.

Сѐ уште не се познати причините за пожарот кој избувна синоќа во дел од складот за старо железо во производствениот погон на „Макстил“. Огнот бил изгаснат и за среќа нема повредени.
Противпожарната екипа интервенирала со 9 возила и со 21 пожарникар. Помош за дотур на вода била побарана од „Водовод и канализација“ и од „Комунална хигиена“.
Според првичните проценки, биле запалени 500 кубни метри железо, помешано со други материјали меѓу кои и пластика.
Од компанијата велат дека огнот избувнал во погонот Челичарница, кој не работел од 29-ти април годинава. На терен од синоќа се инспекциските служби и раководството на компанијата.
Оттаму велат дека за причините за пожарот ќе информираат штом ќе се добијат првите резултати од истрагата.
