Јавна расправа

Заедничко родителство после развод, побараа невладините од пратениците

14.05.2018 15:31

Да се воведе заедничко одговорно родителство после разводот или разделбата, побараа невладините од пратениците. Сегашните решенија на центрите за социјални работи се донесуваат без законска основа врз практика стара повеќе од половина век. Тие се секогаш во корист на еден од родителите и со нив се кршат основните права на детето, но и на другиот родител. На јавната дебата беа изнесени лични искуства, но и докази за овој проблем...

Тажни животни искуства на јавната расправа. Мајка, педагог по професија раскажа колку лошо се одразило решението на центарот за одземање на ќерката и доделување на нејзиниот сопруг, само зашто бил помоќен од неа.

Друг, се пожали на немоќта на социјалните центри од земјава да се спротивстават на еднострана одлука на суд во Србија, каде неговата сопруга го оттуѓила нивното дете со изговор дека оди на гости. Седум години не си го видел чедото, вели Атанас Илиев.

Решенијата на Центрите за социјални работи се во корист на едниот родител за воспитување на детето после разделбата, а често не се почитуваат од родителот кој го добил детето, велат од невладините. Побараа законски да се уреди овој проблем и да се овозможи непочитувањето на решението да биде казниво, според праксата на други земји. Иницијативата ја поддржува и Првата детска амбасада- Меѓаши.

Народниот правобранител со години добивал голем број преставки што се однесуваат токму на непочитувањето на решенијата од Центрите за социјални работи од родителот кому му е доверено детето. Од оваа институција со апел да се почитува Конвенцијата за правата на детето и да се донесе што побрзо законско решение.

 

Фиљана Кока