Охрид

На 27-ми мај започнуваат чествувањата по повод 1000- годишнината од формирањето на Охридската архиепископија

14.05.2018 16:30

Македонската Православна Црква, Македонија и Охрид со бројни настани ќе го одбележат милениумскиот јубилеј од формирањето на Охридската архиепископија. Чествувањата ќе започнат на крајот на мај во Охрид и ќе се одвиваат сѐ до крајот на годината...

2018-та година ќе мине во знакот на одбележувањето на големиот јубилеј- 1.000 години од формирањето на Охридската архиепископија. Чествувањата ќе започнат на 27-ми мај во македонскиот духовен центар- Охрид, а со програмата покрај духовни и научно- академски собири се предвидени и бројни културни, образовни, уметнички и други настани.

„На 27 во катедралниот храм Света Софија ќе се случи свечена академија по повод јубилејот под покровителство на Претседателот на Република Македонија, каде свои пригодни обраќања ќе имаат државниот и црковниот врв на македонија. Следниот ден ќе се одржи литургиско чествување кое ќе биде соборно, каде што ќе чиноначалствува поглаварот на МПЦ и сите членови на синодот на МПЦ“, изјави Даријан Сотировски-директор на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи.

Милениумскиот јубилеј достоинствено ќе го одбележи и градот Охрид, седиштето на Охридската архиепископија, каде што Свети Климент според многумина го отворил најстариот универзитет во Европа.

„На тој цврст темел на Охридската архиепископија изградена е и МПЦ, нашиот духовен светилник и неизбришлив белег на нашиот духовен идентитет. Делото на Светиот Апостол Павле кој на овие простори почнал да го шири христијанството подоцна го продолжуваат Климент и Наум, учениците и следбениците на сесловенските просветители Кирил и Методиј“, изјави градоначалникот на Охрид, Јован Стојаноски.

Во централната свеченост ќе вклучи и Македонската филхармонија.

„Ќе настапи камерниот оркестар на Македонската филхармонија во придружба на хоровите од братството на манастирот Рајчица и на манастирот Свети Јован Бигорски. На овој настан камерниот оркестар ќе го води нашиот истакнат диригент, Борјан Цанев“, вели Горан Муратоскишеф на оркестарот на Македонската филхармонија.

Од денешната прес-конференција беше упатен повик до сите наши братски, балкански народи да дојдат во Охрид за заеднички да го одбележиме големиот илјадагодишен јубилеј.

 

Сашо Нелоски