Груевски осуден на двегодишна казна затвор
Кривичниот суд- Скопје ја соопшти пресудата за предметот „Тенк“ на Специјалното јавно обвинителство. Првообвинетиот, екс- помошник на министерот за внатрешни работи, Ѓоко Поповски, доби шест години и шест месеци затвор, додека второобвинетиот, поранешниот премиер Никола Груевски, како поттикнувач за извршување на делото е осуден на две години затвор. Груевски не присуствуваше на соопштувањето на пресудата. Под засилено полициско обезбедување, пред судот протестираа поддржувачи на експремиерот Груевски...

Две години затвор изрече првостепениот суд за поранешниот премиер Никола Груевски. Според пресудата, тој незаконски влијаел врз одговорниот за набавки во МВР да купи луксузен блиндиран мерцедес, вреден околу 600 илјади евра. Знаејќи дека нарачува нешто нелегало, рече судијката, Груевски во прислушуваните разговори не го спомнувал името на возилото, туку вели „она на М“. Пресудата изречена во негово отсуство.
„Никој, најмалку носителот на јавна функција, тука секако пред сѐ премиерот, не смее да ги потценува и омаловажува граѓаните, како што тоа го сторил обвинетиот Никола Груевски, на начин што успеал да обезбеди за себе, на незаконит начин, патничко возило марка мерцедес, за коешто не само што не биле информирани граѓаните, туку истото, како што самиот вели, додека да се одржат локалните избори, немало да објавуаат дека го преземаат возилото“, рече судијката Кацарска.
Помошникот- министер во МВР одговорен за јавни набавки Ѓоко Поповски е осуден на 6 и пол години затвор. Според судот, тој добил инструкции од екс-министерката Јанкулоска какво возило треба да се купи, па кај производителот на автомобилот извршил резервација. Дури потоа бил распишан тендерот, а според судот, се фаворизирале фирмата и конкретниот тип возило.
Одбраната жали што судот не ја прифати, како што наведоа адвокатите, нивната силна аргументација и е донесена осудителна пресуда.
„Не постојат услови за кривично гонење на ниту еден од обвинетите. Незадоволни сме, ќе вложиме сериозна жалба против ваквата пресуда“, изјави Димитар Дангов, адвокат на Никола Груевски.
Пред судот, протест на група поддржувачи на Никола Груевски.
„За него ли ја купил таа кола? Дома ли ја носел таа кола? Кога ќе дојдат претседатели, премиери на држави- во што се возат?“
„Мислам дека сега граѓаните на Република Македонија може да уживаат во мито и корупција и уво да не ги боли“- рекоа дел од граѓаните кои ги анкетиравме.
Во случајот „Тенк“ обвинета е поранешната министерка Гордана Јанкулоска. За неа постапката е одвоена.
Анита Димитријевска
