Охрид

Илјада години Охридска архиепископија- Свечена академија во црквата Света Софија

27.05.2018 21:15

Македонија одбележува илјада години од основањето на Охридската архиепископија. Централната свеченост во црквата Света Софија во Охрид. Се одржа академија по повод големиот јубилеј...

Историјата на Охридската архиепископија одела заедно со историјата на нашиот народ. Слободата на архиепископијата била слобода и за народот. Како што тоа некогаш било, за жал така е и денес. Кој ја признава црквата, го признава народот и кој ја негира црквата го негира нашиот народ и сѐ што е наше македонско. Но, знаел нашиот народ дека само народ со минато, може да биде народ со иднина. Знаел дека нема вечни владари и трајни империи , туку дека има само народи кои вечно бдеат и ја чуваат својата историја. Ова во обраќањето на свечената академија во црквата Света Софија во Охрид, по повод илјадагодишнината од формирањето на Охридската архиепископија го рече Архиепископот Охридски и Македонски г. г. Стефан.

Независно дали е признаена или не, МПЦ ќе продолжи да биде дел од едната света соборна апостолска црква, рече претседателот на Р. Македонија Ѓорге Иванов. Премиерот Зоран Заев, пак посочи дека со развојот на црквата на нашите простори се одвива и историскиот процес на формирањето на македонскиот идентитет. Од Охридската архиепископија тој идентитет бил засилен и облагороден како духовен извор.

По повод милениумскиот јубилеј, вечерва пригоден концерт одржа Камерниот оркестар на Македонската филхармонија во придружба на хоровите на братството на монасите од манастирите Рајчица и Свети Јован Бигорски.

Чествувањата по повод големиот јубилеј продолжуваат утре наутро во црквата Света Софија со празнична Златоустова литургија со која ќе чиноначалствува Архиепископот Охридски и македонски г. г. Стефан во сослужение на членовите на Светиот архиерејски синод.

 

Сашо Нелоски