Заев- Прека: Унапредување на односите меѓу Македонија и Малта

29.05.2018 14:34

Премиерот Заев на средбата истакнал дека македонското стопанство е подготвено да го зајакне присуството на Малта преку интензивирање на соработката на стопанските комори на двете земји.

Во рамки на официјалната посета на Република Малта, премиерот Заев денеска оствари средба со претседателката Марија Прека. Заев и Прека разговарале за зајакнување на економските релации, но и за можноста Република Македонија да овозможи конзуларни услуги во земјата, соопшти владината прес-служба.

Премиерот Заев на средбата истакнал дека македонското стопанство е подготвено да го зајакне присуството на Малта преку интензивирање на соработката на стопанските комори на двете земји. Претседателката Прека, пак, изразила поддршка околу идејата за отварање на конзуларно претставништво на Република Македонија во Малта имајќи ги во предвид зголемениот број на македонски граѓани кои работат во Малта.

Премиерот Заев по завршување на тет а тет средбата со претседателката на Малта се потпиша во Книгата на спомени во претседателската палата Сан Антон во Валета.

На средбите, македонскиот премиер бил придружуван од министерот за здравство Венко Филипче и државниот секретар во МНР Виктор Димовски, како и вршител на работите во Амбасадата на Македонија во Рим, Италија, Магдалена Димовска.