Повредени и уапсени по протестите пред Собранието
По вчерашните инциденти на протестите пред Собранието, против потпишувањето на договорот за името со Грција, при што интервенираше полицијата, лекарска помош во Клиничкиот центар побарале вкупно 12 лица, од кои осум полицајци и четворица цивили. Во Градската хируршка болница помош побарале 12 учесници во протестите...

Во протестите пред Законодавниот дом, осум полицајци и четворица цивили, меѓу кои еден новинар, биле повредени и донесени во клиничкиот Ургентен центар. Имале посекотини и удари по главата и телото од тврди предмети. Десетмина од нив биле задржани на Клиниката за пластична хирургија. По санирањето на повредите, биле пуштени на домашно лекување, информира раководителот на Ургентен, Алберт Леши.
Уште 12- мина учесници на протестите побарале помош во Градската хируршка болница „Св. Наум Охридски“, потври за МТВ директорот Иван Спировски. Двајца биле хоспитализирани, но без сериозни повреди. Повеќето се жалеле на чешање, печење во очите и вдишан солзавец.
Од МВР велат дека на протестите биле повредени 10 полициски службеници, а седуммина побарале лекарска помош. Приведени се 26 лица. Во врска со новинарот кој бил однесен во полициска станица, од МВР велат дека одбивал да се легитимира, а притоа дал активен отпор. По утврдувањето на неговиот идентитет, веднаш бил пуштен. МВР потенцира дека го почитува правото на мирен протест, но нема да дозволи употреба на сила врз полицијата и насилен упад во институциите, како и нарушување на јавниот ред и мир. Министерството апелира на демократски начин на изразување на јавното мислење.
Медиумите да не се злоупотребуваат за пренесување повици за радикализација- апелираат од Советот за етика во медиумите. Според нив, загрижува фактот што биле забележани случаи на известувања кои содржеле повици за мобилизација на граѓаните во одбрана на одредени интереси, а се пренесувале и на социјалните мрежи. Укажуваат на воздржаност и смирени реакции на какви било провокации од кој и да е центар на моќ, групации или поединци. Медиумите имаат особено важна улога во заштитата на граѓаните од појавата на нетолеранција и недоверба и нивна изложеност на ризик од насилство, се вели во соопштението.
Наташа Гркова- Петрушевска
