Политика

Договорот со Грција го помина првиот филтер

18.06.2018 13:19

Владата на Република Македонија на денешната 74-та седница го разгледа и го усвои предлог - законот за ратификација на Договорот со Грција. Според процедурата Законот е испратен до Собранието...

Владата го усвои предлог- законот за ратификација на Договорот со Грција. Документот ќе биде доставен до Собранието со што започнува постапката за негова ратификација и усвојување. Откако предлог- законот ќе го помине собранискиот филтер, се доставува до шефот на државата Ѓорге Иванов, кој има рок од седум дена да го потпише.

Претседателот веќе јавно го кажа својот став дека нема да прифати промена на Уставот со цел промена на уставното име на државата. Ако Иванов го употреби правото не вето, предлог- законот за ратификација на договорот повторно се враќа на гласање во Парламентот. По повторно усвојување, договорот се враќа до претседателот Иванов, кој според Уставот е должен да го потпише.

Спроведувањето на договорот ќе се одвива во фази. Ќе почне да се применува откако ќе го ратификуваат двете земји. Ако поради какви било причини едната земја не го ратификува, договорот нема да важи.

Крајниот збор ќе го имаат граѓаните на референдум кој треба да се организира на есен.

Во договорот сочинет на 20 страници стои дека нашата земја се обврзува преку амандманска интервенција во Уставот да го постави името Република Северна Македонија, кое ќе важи за севкупна упореба. Договорено е уставните промени во целост да се усвојат до крајот на годината.

 

Анита Димитријевска