Владата го усвои предлог- законот за ратификација на Договорот со Грција, на потег е Собранието
Почна процедурата за спроведување на потпишаниот договор меѓу Македонија и Грција за затворање на прашањето за името. Владата на денешната седница го усвои предлог-законот за ратификација. Со европско знаменце е доставен до Собранието. На потег е Законодавниот дом. Крајниот збор ќе го имаат граѓаните на референдум...

Владата го усвои предлог- законот за ратификација на договорот со Грција. На потег е Собранието.Треба да следи усвојување. ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека нема да даде поддршка на договорот затоа што смета дека е капитулантски. Според СДСМ, најголемата опозициска партија не треба да ја кочи евро- атланската иднина на земјава. За ДУИ, потпишувањето на договорот го исполнува сонот за интегрирање во ЕУ и НАТО. Останатите албански партии велат дека ќе го дадат својот глас „за“ рафтификација.
Предлог- законот за ратификација во Собранието оди со европско знаме. Откако предлог- законот ќе го помине собранискиот филтер, се доставува до шефот на државата Ѓорге Иванов, кој има рок од седум дена да го потпише. Претседателот веќе јавно го кажа својот став дека нема да прифати промена на Уставот со цел промена на уставното име на државата.
Ако Иванов го употреби правото не вето, предлог- законот за ратификација на договорот повторно се враќа на гласање во Парламентот. По повторно усвојување, договорот се враќа до претседателот Иванов, кој според Уставот е должен да го потпише. Спроведувањето на договорот ќе се одвива во фази. Ќе почне да се применува откако ќе го ратификуваат двете земји.
Ако поради какви било причини едната земја не го ратификува, договорот нема да важи. Крајниот збор ќе го имаат граѓаните на референдум кој треба да се организира на есен.
Во договорот сочинет на 20 страници стои дека нашата земја се обврзува преку амандманска интервенција во Уставот да го постави името Република Северна Македонија, кое ќе важи за севкупна упореба. Договорено е уставните промени во целост да се усвојат до крајот на годината.
Анита Димитријевска
