Протести

Реакции за инцидентот пред Собранието

18.06.2018 15:10

Повредени цивили и полициски службеници на протестот пред Собранието. Биле префрлени во Ургентниот центар и во Градската општа болница „Свети Наум Охридски“. Сите се во добра здравствена состојба. Министерството за внатрешни работи тврди дека бил спречен обид за насилен упад во Законодавниот дом. Приведени се 26-мина. Обвинителството бара МВР да обезбеди докази...

Во протестите пред Законодавниот дом, осум полицајци и четворица цивили, меѓу кои еден новинар, биле повредени и донесени во клиничкиот Ургентен центар. Имале посекотини и удари по главата и телото од тврди предмети. Десетмина од нив биле задржани на Клиниката за пластична хирургија.

Уште 12- мина учесници на протестите побарале помош во Градската хируршка болница „Св. Наум Охридски“, потврди за МТВ директорот, Иван Спировски. Двајца биле хоспитализирани, без сериозни повреди. Повеќето се жалеле на чешање, печење во очите и вдишан солзавец.

МВР информира дека на протестите биле повредени 10 полициски службеници, а седумина побарале лекарска помош. Привеле 26- мина, на кои им се поднесени пријави. Полицијата интервенирала за да спречи нарушување на јавниот ред и мир.  

За новинарот кој бил однесен во полициска станица, од МВР велат дека одбивал да се легитимира, а по утврдувањето на неговиот идентитет, веднаш бил пуштен.

Основното јавно обвинителство од полицијата бара доказен материјал за лицата лишени од слобода за да се документира евентуално незаконито дејствие. Дел од учесниците на протестите обвинуваат за брутално постапување на полицијата.

Хелсиншкиот комитет за човекови права забележува на прекумерна употреба на хемиски средства од полицијата кон граѓаните кои протестираат. Повикуваат органите на прогонот да спроведат темелна истрага.

Осуда за нападите врз медиумските работници стигна од Агенцијата за медиуми која истовремено побара и професионално однесување на новинарите за време на вакви настани.

 

Наташа Гркова- Петрушевска