Собрание на РМ

Договорот за името на ратификација пред пратениците

19.06.2018 09:20

Почна процедурата за спроведување на договорот меѓу Македонија и Грција за затворање на прашањето за името. Вчера владата го усвои предлог- законот за ратификација. Во Собранието е пратен со европско знаменце. За денеска во 11 часот е закажана седница, кога пратениците треба да ја почнат расправата. Се очекува ратификацијата на договорот да се случи до крајот на неделата...

Собранието на Република Македонија денеска треба да ја започне седницата на која на дневен ред е Предлог- законот за ратификација на договорот за решавање на спорот за името, по скратена постапка. Очекувањата се дека ратификацијата на договорот во Собранието ќе се случи до крајот на неделата.

Пратениците на денешната седница ќе се изјаснат за потребата за донесување на Законот за ратификација на договорот. Имајќи предвид дека законот е со европско знаменце и ќе се носи по скратена постапка, се очекува доколку денеска биде прифатена потребата за неговото носење веднаш да биде закажана седница на Комисијата за европски прашања. Комисијата ќе има два дена, односно до среда на полноќ за разгледување на договорот. Откако ќе помине на Комисијата, Предлог- законот за ратификација на договорот повторно ќе се најде на пленарна седница за да биде финално ратификуван.

За ратификација потребно е обично мнозинство, односно мнозинство од присутните пратеници. Минимален кворум за работата на Законодавниот дом е 61 пратеник.

Откако Предлог- законот ќе го помине собранискиот филтер, се доставува до шефот на државата, Ѓорге Иванов, кој има рок од седум дена да го потпише. Претседателот веќе јавно го кажа својот став дека нема да прифати промена на Уставот со цел промена на уставното име на државата.

Ако Иванов го употреби правото не вето, Предлог- законот за ратификација на договорот повторно се враќа на гласање во Парламентот. По повторно усвојување, договорот се враќа до претседателот Иванов, кој според Уставот е должен да го потпише.

Спроведувањето на договорот ќе се одвива во фази. Ќе почне да се применува откако ќе го ратификуваат двете земји. Ако поради какви било причини едната земја не го ратификува, договорот нема да важи.

Крајниот збор ќе го имаат граѓаните на референдум кој треба да се организира на есен.