Кривичен суд

На Јанкулоска ќе и се суди одвоено во „Таргет-Тврдина“

19.06.2018 13:31

Судечкиот совет констатира дека е примен поднесок од обвинетата Гордана Јанкулоска за спреченост да присуствува на судењето заради отворено породилно отсуство со ризична бременост.

Пауза од еден час даде судијката на денешното рочиште за предметот „Таргет-Тврдина“  за адвокатот Петар Василевски да го достави пред судот примерокот од одлуката на Врховниот суд на Грција, со која се ослободени од екстрадициски притвор поранешните разузнавачи Горан Грујевски и Никола Бошкоски.

Претходно, судот констатира дека е примен поднесок на 14-ти овој месец во Министерството за правда со кое се известува дека немаат до тогаш добиено известие за барањето за екстрадиција.

Адвокатот Василев пред судот рече дека одлуката пред Врховниот суд во Атина е донесена на 18-ти мај годинава и притоа им било соопштено дека поради постоење на акт на помилување, односно поради одлука на претседателот на Република Македонија да бидат ослободени од прогон, истите мора да бидат пуштени на слобода.

Судечкиот совет констатира дека е примен поднесок од обвинетата Гордана Јанкулоска за спреченост да присуствува на судењето заради отворено породилно отсуство со ризична бременост.

Обвинителката од СЈО, Ленче Ристевска во однос на поднесокот од Јанкулоска рече дека согласно наведената здравствена состојба обвинетата нема да може да присуствува подолго време, поради што, како што додаде, верува оти се исполнети условите постапката против неа да биде раздвоена.

Судот донесе решение постапката против Јанкулоска да се раздвои, а да продолжи против останатите обвинети во овој случај, поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков и поранешниот негов шеф на кабинет Тони Јакимовски, како и за Горан Грујевски и Никола Бошковски кои се во Грција откако беше одбиено барањето за нивна екстрадиција во земјава.