Собрание на РМ

Ратификација на договорот без ВМРО-ДПМНЕ

19.06.2018 15:13

„Јунскиот Европски совет е пред нас. Идната недела се клучните датуми за европската перспектива на нашата земја и зависат од ратификацијата на спогодбата“- рече министерот за надворешни работи, Никола Димитров на пленарната седница. Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, драган данев одговори, станува збор за неуставен договор, се навлегува во менување на идентитетот и се прави непоправлива штета за сите граѓани. По гласањето, опозициската партија ја напушти седницата...

Со 69 гласови „ЗА“, пратениците ја усвоија потребата од носење на законот за ратификација на договорот со Грција. Шефот на македонската дипломатија Никола Димитров од говорницата порача дека е повеќе од неопходно законот да се донесе, бидејќи ја отвора евроатлантската перспектива на земјата.

„Јунскиот совет е пред нас, министрите за надворешни работи на земјите-членки ќе заседаваат на 25-ти и 26-ти јуни, а Самитот на Европскиот совет е на 28-ми јуни. Овие датуми се клучни за европската перспектива на нашата земја и зависат од ратификацијата на спогодбата“, нагласи министерот за надворешни работи, Никола Димитров.

Опозицијата гласаше против. Против се изјасни и независниот пратеник Ферид Мухиќ. За ВМРО-ДПМНЕ договорот е противуставен и капитулантски кој долгорочно нанесува, како што велат, непоправлива штета на државата.

„Од содржината на договорот јасно е дека истиот е едностран обврзувачки договор. Тоа покажува дека македонската страна прифаќа целосен ултиматум, а не дека се работи за договор од кој би произлегле меѓусебни права и обврски“, рече координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев.

Ако договорот е добар, зошто власта не организираше прослава, зошто го криеше и зошто не го разгледа во матичната комисија за надворешна политика, праша пратеникот Антонио Милошоски. Рече дека договорот е предавство и поради тоа пратениците од неговата партија нема да учестуваат во работата на Собранието.

„Со ваквиот договор Македонија самата ја поништува и суспендира меѓународно-правно валидната пресуда на Меѓународниот суд на правдата, која беше во наша корист. Република Македонија се откажува од напорите и успесите на сите влади и претседатели од ’91-ва до денес, кои беа крунисани од 140 земји кои не признале под уставното име“- изјави Антонио Милошоски, пратеник од ВМРО-ДПМНЕ.

Реагираа од СДСМ. За нив договорот е висок патриотски чин со кој земјата излегува од изолација. Го повикаа претседателот Иванов да го потпише законот и да дозволи државата да оди напред.

„Овој договор го гарантира македонскиот идентитет, македонски народ, Македонец, Македонка, македонски, обзебедни еднаш засекогаш. ВМРО-ДПМНЕ прво треба да расчисти со криминалот во сопствените редови и да земе учество во овој процес, кој ќе овозможи граѓаните сами да одлучат за македонската европска иднина“, рече Томислав Тунтев, координатор на преатеничката група на СДСМ.

Предлог законот за ратификација на договорот со Грција се разгледува по скратена постапка и има европско знаменце.

Анита Димитријевска