Сузбивањето на илегалната миграција- врвен приоритет за ЕУ и за Западен Балкан
Појавена нова рута, да останеме мирни и да преземеме координирани акции- во Брисел министерски состанок за миграцијата. Согласни дека особено внимание треба да се посвети на земјите од Западен Балкан за да не се повторат ситуации од претходните години. Меѓународниот комитет на Црвениот крст соопшти дека бројот на мигранти што се движат преку Балканот е во пораст и дека им е потребна основна хуманитарна помош...

Министрите за внатрешни работи на шесте земји од Западен Балкан, меѓу кои и на Македонија, во Брисел разговараа со претставници на Европската комисија и на австриското и бугарското претседателство со Унијата за миграциските предизвици на Европската унија. Во очи состанокот, австрискиот министер за внатрешни работи Херберт Кикл во писмо до европскиот комесар Димитрис Аврамопулос истакна дека треба да се посвети внимание на состојбата во Западен Балкан за да не се повтори ситуацијата со бегалците од 2015 и 2016 година. На состанокот било заклучено дека јакнењето на ефикасноста на контролата на границите, борбата против криумчарењето луѓе како и заедничкото сузбивање на илегалната миграција останува да биде врвен приоритет за ЕУ и за државите од Западниот Балкан.
„Дозволете ми да потенцирам дека повеќе не сме во длабока криза, но дефинитивно сме под притисок. Не сме онаму каде што бевме пред само три години. Нашата досегашна соработка донесе видливи резултати. Терба да видиме што можеме да сториме на краткорочен и на долгорочен план“, изјави еврокомесарот Димитрис Аврамопулос.
Меѓународниот комитет на Црвениот крст соопшти дека бројот на мигранти што се движат преку Балканот е во пораст и дека им е потребна основна хуманитарна помош.
„Во последните месеци се појави нова рута која ги засега Албанија, Црна Гора и Босна и Херцеговина. Тоа влијае врз некои соседни земји членки на ЕУ на север. Дури и ако бројките се уште не се алармантни, проблемот го привлекува вниманието на јавноста. Треба да останеме мирни и да преземеме внимателно координирани акции“, рече Аврамопулос.
Според податоците на комитетот, од почетокот на годината повеќе од 5.600 мигранти влегле во Европа преку Грција и дошле до БиХ, во однос на 754 колку што биле регистрирани лани. Во Црна Гора биле регистрирани 557 барања за азил, што е најголем број во изминатите пет години. Инаку во првите пет месеци од годинава во Грција пристигнале над 19.800 мигранти, што е најголем број прифатени мигранти во една земја членка на ЕУ.
Марина Ристова
