Собранието ќе го ратификува договорот за името со Грција
За денеска во 11 часот е најавена пленарна седница на која Собранието ќе го донесе Законот за договорот, по што Грција ќе биде известена и ќе треба да го информира Советот на ЕУ.

Комисијата за европски прашања вчера го усвои Предлог- законот за ратификација на договорот со Грција. Министерот за надворешни работи Никола Димитров ја образложи итноста на ратификацијата на договорот со цел да се испорачаат резултатите и да се запазат роковите до јунскиот самит во Брисел.
Димитров кажа дека овие денови се историски за Македонија, и побара поддршка од опозицијата. За него текстот на договорот преставува одговорност и патриотизам и ја носи Македонија во просперитет, поголема стабилност, безбедност.
На Комисијата не присуствуваа пратениците на ВМРО- ДПМНЕ. За денеска во 11 часот е најавена пленарна седница на која Собранието ќе го донесе Законот за договорот, по што Грција ќе биде известена и ќе треба да го информира Советот на ЕУ.
По донесувањето од страна на Парламентот, договорот треба да биде испратен до претседателот Иванов, кој има рок од седум дена да го потпише.
Претседателот на државата во своето неодамнешно обраќање кажа дека нема да го поддржи ниту да го потпише договорот за спорот за името, кој според него, е штетен.
Доколку Иванов го употреби правото на вето, договорот повторно оди во собраниска процедура, но тогаш ќе мора да биде изгласан со апсолутно мнозинство, 61 пратеник треба да гласа „за“. Договорот во тој случај повторно се испраќа до претседателот, кој според Уставот е обврзан да го потпише.
Имплементацијата на договорот ќе се случува етапно. Ќе стапи во сила откако двете страни ќе го прифатат согласно внатрешни процедури, но доколку која било од страните не го прифати договорот согласно внатрешните процедури тоа ќе значи дека договорот не важи.
Конечниот збор за договорот ќе го имаат македонските граѓани на референдум, најавен за наесен.
