Курц: Западниот Балкан заслужува членство во ЕУ

03.07.2018 13:03

Австрискиот канцелар е воодушевен што конечно можеше да се реши спорот за името...

Австрискиот канцелар Себастијан Курц, на пленарната седница на Европскиот Парламент ги презентираше приоритетите на австриското претседавање со ЕУ, кое започна на 1-ви јули и ќе трае до 31-ви декември 2018-та година, нагаласувајќи дека Западниот Балкан заслужува членство во ЕУ.

„Европа ќе биде комплетирана кога Западниот Балкан ќе припаѓа на нашата заедница на нации. Западниот Балкан не само што има европска перспектива, туку заслужува и членство во Европската унија. Затоа даваме сѐ од себе да го поддржиме процесот на приклучување кон ЕУ“, рече Курц.

Австрискиот канцелар е воодушевен што конечно можеше да се реши спорот за името.

„Сега Албанија и Македонија се во позиција да отворат пристапни преговори, иако ние сакавме побрз процес. Навистина ни е потребна искрена перспектива за овие држави и континуиран напредок на патот кон членство во Европската унија“, нагласи Курц.

Курц потенцира дека само на ваков начин ЕУ може да се спротивстави на други земји што го зголемуваат влијанието во овој дел од светот.