14- годишното девојче во стабилна состојба
Освен 14- годишното девојче и уште две други деца на возраст од три и девет години со зголемено ниво на шеќер во крвта беа хоспитализирани на Детската клиника. Тие се новооткриени сличаи, објаснува заменик-министерот за здравство.

Закрепнува 14- годишното девојче од Охрид, кое во коматозна состојба со дијабетес беше примено на КАРИЛ. Лекарите очекуваат натамошно подобрување на неговата состојба.
„Состојбата на девојчето е подобрена, детето спонтано дише, во текот на денот ќе биде екстубирано, инсулинот не и го даваат повеќе интервенозно, што е добар знак. И јас мислам дека детето ќе биде добро“, вели д-р Марина Крстевска- Костадиновска, педијатар, ендокринолог.
Освен 14- годишното девојче и уште две други деца на возраст од три и девет години со зголемено ниво на шеќер во крвта беа хоспитализирани на Детската клиника. Тие се новооткриени сличаи, објаснува заменик-министерот за здравство. Вели дека првпат отишле на лекар кога состојбата им била влошена, па вината ја лоцира кај родителите, кои како што вели, задоцнето реагирале. Според него, невистинити се обвинувањата дека лекарите не успеле навреме да ја утврдат дијагнозата.
„Сите три деца првпат одат на лекар, и тогаш првпат им се открива. Значи не биле неколку пати шетани по болници, немало лаборатории, па да речеме не се знаело, дополнително се открило. Значи сите три случаи се откриени кога отишле на лекар и се пожалиле. Постапено е согласно со протоколите како што треба“, изјави Асим Муса, заменик- министер за здравство.
Здравствени инспектори, пак вршат надзори во болниците каде што биле примени децата пред да бидат пратени на скопските клиники. Извештаите треба да покажат, дали имало пропуст во постапката.
„Во кој ден, во колку саат се однесени децата кај матичен доктор, дали и што е направено, што е дадено можеме одговор да дадеме после извештаите кои ќе ни стигнат од терен. Доколку тие извештаи иницираат друга постапка ние ќе испратиме соодветно барање до Министерството за здравство за формирање на вонреден стручен надзор“, вели д-р Ирина Бухова, директор на Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
Асоцијацијата за детски дијабетес „Баланс МК“ од Министерството за здравство побара да ги истражи овие случи, бидејќи сметаат дека има пропуст кај лекарите.
Андријана Атанасовска
