Продолжува мигрантската голгота и по затворањето на Балканската рута
Затворањето на Балканската рута не ги запре мигрантите. Иако во значително помал број, не се откажуваат од патот до ветената европска земја. Кумановските погранични села чуваат разни судбини. Изгубени семејства, копнеж кон подобра иднина...

Пладне е. Кумановско Лојане веќе одамна е будно. Дебелите сенки ги мамат селаните да се соберат на кафе. Улиците се празни, ама оние асфалтираните. Локалците знаат дека на стотина метри од тука, по пошумените скриени патчиња кои водат до Српската граница, се кријат нови исплашени лица кои тргнале на пат по подобра иднина.
Тоа го знаат и екипите на Црвениот крст. Ги прават рутинските патроли за да им помогнат на оние кои и покрај затворените граници, сакаат да ја најдат земјата која ќе им ја врати надежта.
Конзервирана храна, шише вода, пакет за хигиена и напитоци за освежување. Ќесите се подготвени, тројцата волонтери само ги наместија во џипот што требаше да не однесе по тешко проодните места. Подготвен е и младиот лекар. Со него и куферот полн со неопходни лекови. Патот е тешко проодлив.
Стигнавме до местото Воденица. На околу 300 метри од нас почнува Српската територија. Од Црвениот крст знаат дека овде мигрантите прават починка. Само што го слушнаа звукот на возилото, група од десетина момчиња почнаа да се приближуваат. Не се плашат! Знаат дека овде ќе добијат помош.
Модринки и црвенила по телата, разранети и изнемоштени. Највидливи се повредите на кожата. Раскрвавени се и нозете на Хамбад Шар. 25- годишниот Авганистанец го започнал своето патување пред 9 месеци. Неговиот англиски е тешко разбирлив, но говорот на телото и уморните очи зборуваат сѐ! Откако на сила го регрутирале во Армијата и бил ставен на воено поле, сфатил дека е поризично да остане отколку да замине во непознат правец. На себе лесна облека и удобни чевли. Во мислите-неговиот едногодишен син! Вели, нема ништо поболно од последниот бакнеж во неговото чело кога го напуштил домот. Таму е и неговата сопруга и целото негово семејство. Воодушевува изјавата на Хамбад дека поздравот од пред 9 месеци, не бил збогум! Убеден е дека ќе си го собере семејството за брзо време.
„Јас имам телефон. На Гугл ја наоѓам мапата по која треба да одам. Но, во моето село нема телефони. 9 месеци немам слушнато ништо од нив и за нив. Сакам да стигнам во Италија, таму да добијам документи. Тогаш ќе се вратам и ќе си го земам целото мое семејство“, вели Хамбад Шар, мигрант од Авганистан.
Подолго патува неговиот другар Надерша Нузраи. И тој е од Авганистан. 2 години и 8 месеци спие далеку од своето огниште. Најчесто-под отворено небо! Младешкиот дух го натерал да тргне по подобра иднина. Не се кае! Она што очајно му недостасува е неговата мајка. Најголемиот дел од сите 3.000 евра кои ги понел со себе, ги потрошил за да и се јави и да ја утеши.
„И се јавувам за да и кажам дека сум добро. Дека ми е убаво. Дека уживам. Имам пари и дека патувам. Не сакам да се грижи за мене и да биде тажна. Ако знае каде спијам, ќе плаче постојано. Се надевам дека нема да ја види оваа снимка на интернет“, вели Надерша Нузраи, мигрант од Авганистан.
Дваесетгодишното момче не сака многу, бара земја која ќе му дозволи да се образува. Не му пречи и ако тоа е Македонија.
„Сакам да студирам. Во Авганистан учев само шест години. Сакам да продолжам! Да можам да најдам работа и да создадам среќно семејство“, нагласува Нузраи.
Надерша има и фејсбук. Последен пат се вклучил пред неколку дена од Грција каде што прочитал и за последните одлуки на лидерите од Европскиот Совет во Брисел за миграцијата. Сега сака да продолжи. Мисли дека ќе ја најде земјата која ќе и даде шанса на неговата амбициозност.
На првичната бројка момчиња кои дојдоа по помош им се придружија уште толку. Доаѓаа, земаа ќебиња, храна и облека и заминуваа кон шумата. Нашата средба заврши овде! Тие продолжија кон импровизираните засолништа, ние продолживме да бараме нови луѓе на кои им треба помош.
Од црвениот крст ги знаат вообичаените патеки. Возиме до каде што оди џипот, понатаму продолжуваме пеш. Дека сме на вистинскиот пат, сведочат остатоците од храна кои ги оставаат и малите чевличиња кои ги губат. Губат и делови од нивните пластични пријатели кои ги понеле со себе. Она што никако не смеат да загубат се здравјето и разумот!
Ова место е познато како Рудничка колонија. Се наоѓа меѓу Ваксинце и Лојане. Овде најчесто се засолнуваат мигрантите за време на дожд, снег или невреме.
Ако тргнете по овие патеки барајќи мигранти невозможно е да залутате, тие оставаат траг. Ѕидовите на оваа разрушена градба кријат писма на арапски, потписи, љубовни симболи и крици по татковината издлабени со големи букви...
Ние го затвораме кругот. Повторно сме во седиштето на црвениот крст. Таму не чека Сандра. Координаторката која ги организира и работи секојдневно на сите познати и непознати рути од каде што овие години се појавуваат мигранти.
„Волонтерите на Црвениот крст во липковскиот регион се всушност локално население. Тие сами стапија во акција да помагаат на мигрантите. Без нивна помош и без нивна асистенција и нашата работа не би била успешна. Една од улогите на Црвениот крст е и да ја сензибилизира јавноста за тоа што значи мигрант, што значи мигрантска криза, а со тоа и што значи да транситираат сѐ уште и по затворањето на т.н. Балканска рута“, изјави Сандра Томовска, Црвен крст.
Работата во Црвениот крст е напорна и макотрпна. Но, чувството дека сте помогнале некому, за Сандра и за нејзините колеги е незаменливо. Спојуваат семејства, продолжуваат животи и даваат надеж. Нема поголема приказна од човечка судбина, а тие, секојдневно се сведоци на илјадници такви.
„Благодарејќи на социјалните мрежи преку интернет некои од мигрантите посакуваат да останат со нас во контакт. Имаме мигранти кои престојуваа во кампот Табановце во текот на 2016 година кога се затвори Балканската рута, до денеска тие се радуваат на секој наш успех и тагуваат на секој неуспех. Ене ги цртежите од дечињата кои кога престојуваат овде, оставаат еден свој белег. Мајките мигранти овде особено на жените од Црвениот крст секогаш им подаруваат некои мали рачни изработки кои за нас значат многу“, вели Томовска.
Добри луѓе, во Црвен крст секогаш има потреба од облека и играчки. Продолжете им го детството на вашите пораснати деца и донирајте за уморните патници!
Катерина Топалова- Дејановска
