Иванов- Столтенберг: ЕУ и НАТО во никој случај не смеат да бидат алиби за лош договор
Претседателот Иванов на средбата со генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, истакнал дека Република Македонија е силно посветена на промовирањето на мирот и стабилноста и придонесува за безбедноста во и надвор од нашиот регион...

Актуелната внатреполитичка состојба во Република Македонија, евроатлантските интеграции на земјата и напредокот на реформите во одбраната и безбедноста во согласност со НАТО стандардите- во фоксу на средбата меѓу претседателот Иванов и генералниот секретар на НАТО, Столтенберг.
Претседателот Иванов на средбата истакнал дека Република Македонија е силно посветена на промовирањето на мирот и стабилноста и придонесува за безбедноста во и надвор од нашиот регион.
„Верувам дека вистинското место на Република Македонија е во Европската Унија и НАТО Алијансата. Ќе продолжам да ги поддржувам нашите стратешки цели. Ho, Европската Унија и НАТО во никој случај не смеат да бидат алиби за лош договор“, истакнал претседателот Иванов, соопштуваат од неговиот кабинет.
Претседателот потенцирал дека Република Македонија во континуитет покажува дека е доверлив и стратешки партнер и сојузник на НАТО, додавајќи дека уште во 2008-та година Република Македонија ги исполни условите за членство во НАТО и сиве овие години активно придонесувајќи во меѓународните мировни мисии го заслужува членството во НАТО без дополнителни услови.
Иванов нагласил дека АРМ ги исполни поставените задачи и успеа да се покаже како рамноправен партнер со армиите на земјите-членки на НАТО како на обуките, вежбите и проверките, така и во пракса во изведувањето на операциите.
Имајќи ги предвид новите реални предизвици со коишто се соочуваат регионот и Европа, според претседателот Иванов, одржувањето на безбедноста, стабилноста и просперитетот на нашиот регион треба да претставува колективен интерес на сите.
