Дипломатија

Аселборн: За патот кон ЕУ и НАТО потребен е успешен референдум, ние ве чекаме

06.09.2018 12:28

Во пресрет на референдумот закажан за 30-ти септември, денеска во Македонија на средби со државниот врв е и министерот за надворешни работи на Големото војводство на Луксембург, Жан Аселборн. Негов домаќин е шефот на македонската дипломатија Никола Димитров..

Го разбирам предизвикот, станува збор за избор што треба да го направи вашата земја, дали ќе одите кон иднината или ќе се вратите во минатото, вели министерот за надворешни работи на Луксембург, Жан Аселборн. Порача- за патот кон ЕУ ви е потребен успешен референдум, ние ве чекаме во еу и во нато. За исходот од референдумот Аселборн уште поконкретен- кога јас би бил Македонец, би одговорил „да“.

Потребни се напори од двете страни, и од Брисел и од земјите од регионот за да се дојде до позитивен исход. Би било политичка грешка да не се направи тој исчекор. Во јуни Брисел ќе решава за иднината на Македонците во ЕУ, додаде шефот на дипломатијата на Луксембург.

Со неговиот домаќин, министерот Димитров, разговарале и за регионалната соработка и за актуелностите во ЕУ. Шефот на македонската дипломатија го информирал за политичките збиднувања во државава, за подготовките за референдумот. Потпишаа договор за класифицирани информации. Во Луксембург во 2001-та ја потпишавме спогодбата за стабилизација и асоцијација, сега во овие клучни моменти ја имаме поддршката за евроатлантските аспирации, рече шефот на дипломатијата.

Димитров потврди дека меѓуресорската комисијата што произлегува од Договорот со Грција е формирана. На научната фела ѝ претстои многу работа.

Министерот за надворешни Аселборн на средба и со вицепремиерот за евроинтеграции Османи. Потврдена добрата соработка и поддршката на Луксембург за нашето членство во ЕУ и во НАТО.

 

Наташа Гркова- Петрушевска