Генералниот секретар на НАТО на средби со државниот врв
Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг од вчера е во дводневна посета на Република Македонија. Се сретна со претседателот Ѓорге Иванов, со претседателот на Собранието, Талат Џафери и со лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски...
Набиена агенда на генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг во Скопје. Во секој момент се очекува да пристигне во Клубот на пратеници, каде ќе разговара со премиерот Зоран Заев. Очекувано да ги повтори веќе познатите ставови околу поддршка на референдумот, односно со затворањето на спорот за името со Грција, Македонија да влезе во НАТО.
Првата средба Столтенберг ја оствари со претседателот Ѓорге Иванов. Во соопштението од Кабинетот пишува дека претседателот Иванов посочил:
„Верувам дека вистинското место на Република Македонија е во Европската унија и НАТО Алијансата. Ќе продолжам да ги поддржувам нашите стратешки цели. Ho, Европската унија и НАТО во никој случај не смеат да бидат алиби за лош договор“, нагласи Иванов.
Врховниот командант и претседател Иванов посочил дека го поддржал процесот на донесувањето на Стратегискиот одбранбен преглед согласно препораките на НАТО советодавните тимови и дека новата стратегија, што е исклучиво ориентирана кон зачленувањето во НАТО, е изготовена.
Столтенберг разговараше и со спикерот Џафери, но и со лидерите на ДУИ и на ВМРО-ДПМНЕ, Али Ахмети и Христијан Мицкоски.
Покрај останатите активности и средби, генералниот секретар го посети и Стајковци каде што во 2016-та година војници и опрема на НАТО беа ангажирани за надминување на последиците од поплавата.
Генералниот секретар ја посети и касарната „Илинден“ каде што присуствуваше на показна вежба на припадниците на Специјалните сили на АРМ.
Миле Ристески
