Промовиран зборникот „Конески на 11 јазици“

03.06.2021 15:27

Меѓународниот семинар за македонски јазик, литература и култура при универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ го промовира до сега најобемниот зборник „Конески на 11 јазици“ во рамките на програмата за одбележување на големиот јубилеј – 100 години од раѓањето на Блаже Конески. Објавени се препеви на песни и преводи на кратки прозни текстови, остварени од странски македонисти...

Во руво од 11 јазични личотии осамна првиот зборник со препеви и преводи од творештвото на Конески. Според ректорот на скопскиот универзитет „Свети Кирил и Методиј“, Јанкуловски, тоа е една од инстанците преку кои се остварува интерлитерарниот комуникациски чин на македонската со другите литератури, и прв знак за излегување од полуанонимноста и тесните национални интереси. Само преку рамноправно соочување со другото, туѓото, универзалното ќе може адекватно да се вреднува и своето, домашното, националното- додава Јанкуловски.

Првата зимска школа го заокружува на некој начин 15- годишниот опус на преведување, и тоа е добра основа да се вклопи во јубилејот од раѓањето на Конески, потенцира директорката на меѓународниот семинар.

Свои излагања имаа повеќе странски македонисти, меѓу кои и Намита Субиото од Филозофскиот факултет во Љубљана.

Стихови во преводи можеа да се слушнат на вебинарот посветен на промоцијата на зборникот на Конески од 11 јазици.

Фиљана Кока