Картареску: Поезијата е најголемата вредност во овој свет
Низ децениите, Мирча Картареску се вброи во најплодните романски писатели, со осум поетски збирки, бројни прозни дела, есеи и една аудио книга, за што е добитник на дваесетина престижни меѓународни признанија. Најпреведуваниот романски современ писател е добитник на наградата „Прозарт“, што ја доделува Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ од Скопје...

Соочена со новиот свет, книжевноста се менува. Денес, модерните писатели не припаѓаат на националните или на регионалните култури, туку на светот. Меѓу најпроминентните романски, европски и светски современи автори, несомнено се вбројува Мирча Картареску, поет, романсиер, книжевен критичар, есеист и новинар, член на романскиот ПЕН и Европскиот културен парламент, со над триесетина објавени книги кои се преведени на дваесет и пет јазици, работи како професор по романската книжевност на Универзитетот во Букурешт.
Роден во 1956-та година во Букурешт, Картареску припаѓа на генерацијата која со авангардниот пристап се пројави во 80-те години, во времето обележано од џинсот како симбол на новата неформална култура преточена во постмодернизмот. Во тој период, заедно со многу тинејџери од неговата генерација, Картареску бил под огромно влијание од наследството на американската контракултура од 60 -тите, вклучувајќи уметници како Боб Дилан, Џими Хендрикс и Дорс.
Низ децениите, Картареску се вброи во најплодните романски писатели, со 8 поетски збирки, бројни прозни дела, есеи и една аудио книга, за што е добитник на дваесетина престижни меѓународни признанија. Застапауван е во многу антологии на современата книжевност.
Најпреведуваниот романски современ писател е добитник на наградата „Прозарт“, што ја доделува Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ од Скопје. По повод доделувањето на оваа престижна награда на која Картареку не гледа како на признание за неговата литературна активност која ја остварил досега, туку како на знак на доверба за тоа што ќе направи отсега понатаму, тој ги посети Скопје и Македонија, со што имавме можност за тв средба со еден од најпрестижните европски автори.
Во една изјава, писателот Картареску вели дека: „Не е едноставно да бидеш писател, но уште потешко е да бидеш романски писател“, од што произлегува дилемата за тоа каква е судбината и иднината на авторите од т.н. „мали култури“ во ерата на глобализацијата и доминацијата на англосаксонската култура?
-Не мислам дека нашата судбина е да бидеме изолирани и маргинализирани. Малите култури честопати имаат потешко и поголемо наследство и многу големо значење во разноликоста на светот. На некој начин сум горд што сум дел од една мала култура каква што е романската, само поради тоа што таа е неистражено поле на креативност. Западниот свет дури сега тоа треба да го открива. Претпоставувам дека и македонската култура е иста. Тоа е ново и возбудливо место за растеж на уметниците.
Во 1990-та година во Европа се случи пречекорување на прагот на идеолошката промена, така, во многу поранешно комунистички земји се отвори вратата за демократијата. Но, остана дилемата дали паѓањето на железната завеса успеа да ги зближи истокот и западот? Како авторот Картареску ја доживеал промената на општествениот систем и дали после неколку децении успеавме да ги надменеме разликите?
- Во 1990-та, кога за првпат отпатував во странство и се спуштив со падобран точно во центарот на на големото јаболко, во Њујорк, доживеав голем културолошки шок, затоа што доаѓав од сосема уништената Романија. Земја која не била обновена најмалку дваесет години. Имајќи позадина од руини, слетав во свет кој ми изгледаше извонредно. Тогаш напишав песна во која ја изразив болката која ја почувствував поради таа ситуација. Тоа беше многу трауматична ситуација за мене, бидејќи веќе не чувствував дека сум дел од стариот свет, но не можев да се интегрирам ниту во новиот. Се почувствував како да сум во средината на некое непознато место. Некаде помеѓу уништениот Исток и прекрасниот но несфатлив Запад. Потоа се навикнав на оваа ситуација, патував многу во следните триесетина години и сега се чувствувам како граѓанин на светот. Сега, разликите помеѓу Истокот и Западот, меѓу поразвиените култури во светот и оние помалку развиените имаат помало значење за мене. Она што е значајно се луѓето, разликите помеѓу луѓето, сцецифичностите на секој дел од свето. Би сакал сите да ги откријам.
Долги години Картареску пишувал дневни политички колумни во еден од најзначајните весници во Романија и како што вели во една изјава, десет години пишувал со бес, со разочарување, со потреба за правда во овој фундаментало неправеден свет. Но, последиците за него и за неговото семејство биле сериозни. На едно место вели дека некогаш уметниците се приморани да бидат во егзил во сопствената земја. Колку е тешко интелектуалецот да го дигне својот глас?
-Постојано преземате некаков ризик. Доколку сакате да ја кажете вистината, мора да бидете свесни за последиците. Барем во тој период кога активно пишував политички колумни, ризикував и со сета моја сила се вклучив во оваа борба за демократија во Романија, за свртување кон Западот, за човековите права. Тоа е тема која е многу значајна за мене, против дискриминацијата од секаков вид, против дискриминацијата на Романците во мојата земја, против дискриминацијата на жените и слично. Се обидов да дадам придонес во подигањето и во развојот на свеста на луѓето во мојата земја и во развојот на мојата татковина како нова европска земја, онолку колку што можев.
За делото на Картареску, критиката вели дека тој е „најсилниот глас на романската поезија“. Неговата поетика е опишана како меѓу жанровска, визионерска и не многу оптимистична за иднината на цивилизацијата. Сепак, одамна веќе не пишува позија, последниве години пишува исклучиво проза.
-Сакам да кажам дека не ми значи многу дали сум број еден или број сто во листата на романските писатели. Мене ме задоволува тоа што сум писател, да бидам искрен писател. Изминативе четириесетина години единствено тоа го правев, единствено се обидов да ја извршувам мојата работа како уметник без да дозволам да примам внимание од било кого. Размислувам со мојот ум, пишувам со моите раце и се обидувам да го опшиам ова мое кралство.На некој начин сум картограф на мојата внатрешна земја, на мојот ум. Ова го правев со искреност и со почитување на пишаните закони на книжевноста.
Поезијата и прозата не се разликуваат многу. На почетокот пишував поезија и многу научив од посебната употреба на јазикот која поезијата ја претпоставува. Ова многу ми помогна како прозаист. Сметам дека најдобрите прозни автори во целиот свет всушност, се поети, не реалистични писатели. Дури и најреалистичните писатели, треба да бидат поети за да бидат големи писатели. На пример, Балзак за мене пред се, е голем поет. Исто е и со Толстој. Да го спомнам и Достоевски, тој е најдобар пример. Јас сум поет во се што правам, затоа што, да се биде поет не значи само да се пишува поезија, туку да се има специфичен поглед на светот. Можам да замислам луѓе кои не напишале ниту еден стих, но независно од тоа, сепак се поети.
Прозата ја опишува како како експандирана поезија, а мошне интересно е што неговото можеби најзначајно дело, трилогија „Блајндинг“ или „Орбитор“има дури илјада и петстотини страници. Беше интересно да слушнеме кои се најзначајните одредници на ова негово капитално дело?
- „Блајндинг“ според мене е моето најзначајно дело, или, може да се вброи помеѓу првите три. Пишувањето толку многу страници може да биде импресивно, но треба да знаете дека ги пишував во текот на четиринаесет години во кои напишав и многу други дела. Мојата главна точка на интерес сепак беше оваа трилогија. Тоа е посебна книга, книга која ќе се осмелам да кажам, како да ми беше издиктирана, пред се поради тоа што е напишана со рака, во тетратки, од првата до последната страна без ниту една исправка. Напишана е во само една акциа. Напишана е без било каков план. Тоа е чин на чиста и континуирана инспирација во текот на четиринаесет години. Тоа беше како долг и среќен брак и потоа, кога го напишав крајот на последната страница, зажалив како при развод. Јас всушност не ја напишав оваа книга, јас четиринаесет години живеев во неа. Тоа беа најсреќните и најпродуктивните години од мојот живот. Потоа, долго време не можев ништо да пишувам. Бев целосно исцрпен.
Критиката го дефинира како ониричен автор, структурата на сонот е присутна во наративот на делата на Картареску. Од каде произлегува овој негов специфичен пристап?
Лично јас не се дефинирам како ониричен автор, бидејќи сонот не ме интересира посебно. За реалноста сметам дека е само еден од соништата. Така, ние навечер сонуваме, но исто така ја сонуваме и реалноста. Истиот мозок ја гради реалноста како што го гради и сонот. Единствената разлика е тоа што реалноста е сонувана на ист начин од сите луѓе, додека сонувањето е специфично и посебно за секого од нас. Јас не правам гоелма разлика помеѓу нив. Да се биде во светот значи да се сонува, значи да се замислува, значи да се редуцира светот до нивото на твоите стандарди. Всушност, ние сме светот. Секој од нас го гледа светот според сопствените мерки. Се обидувам да бидам искрен во пишувањето кога ја опишувам реалноста, бидејќи, на пример во моите дела имам и хумористични страници, многу реалистични, гротескни, иронични или онирични. Но сте за мене се исти, затоа што истата личност нив ги сонувала , ги замислувала, се смеела или плачела на нив.
За моќта на поезијата на една трибина во САД, авторот вели дека поезијата е најзначајното нешто на светот, дека на ова планета не мора се да се претвори во профит, дека културата е најважното нешто во цивилизацијата, а поезијата е кралица на уметноста. Како да ја спасиме уметноста во ерата на консумеризмот и масовните медиуми?
Има една зен парабола која вели дека еден ден зен учителот го прашале што е најскапоценото нешто на светот, а тој одговорил, тоа е мртвата мачка, затоа што никој не може да и ја одреди цената. Би рекол дека поезијата е мртвата мачка на модерното време. Никој не може да и ја одреди цената, не учествува во кругот на вредностите, во пазарниот амбиент на нашето време. Поезијата не се продава, не се вреднува на ниту еден начин освен преку призмата на уметноста. Многумина ја презираат поезијата и ја сметаат за орнамент. Исто така ги презираат поетите за кои сметаат дека со нивните глави се во облаците, како луѓе кои не можат да се прилагодат. Но, јас сметам дека поезијата е значајна токму поради тоа. Затоа што никој не може да и ја одреди цената. Тоа ја прави скапоцена. Таа е најскапоценото нешто на светот. Покрај тоа, поезијата е значајна затоа што ја одредува универзалната вредност, без таа вредност ништо не е целосно. Математиката не е целосна без капка поезија. Науките не се целосни без поезија. Физичарите велат дека има одередена позезија во нивните теории. Ниту филозофијата, ниту религијата, ниту било кое поле на знаење, не е целосно без поезијата. Поезијата е најголемата вредност во овој свет.
Со оглед на неговата прва посета на Македонија, романскиот писател Картареску го запрашавме кои се неговите впечатоци и импресии од допирот со нашата култура и со природните убавини?
Македонија ми се чини позната. Јас сум роден во Букурешт, така, јас сум Балканац, како и вие. Па така, пејсажот, луѓето, дрвјата, куќите, зградите и се околу мене во Скопје ме потсетува на моето детство, на адолецентните години, на мојата зрелост кои ги поминав во Букурешт. Се ми делува слично, во иста насока на духот. Македонија ми се допаѓа и оваа прва средба со луѓето и со пејсажите се надевам дека ќе продолжи.
Писателот Картареску за наградата ПРОЗАРТ, вели дека го обврзува да се обиде со сите сили да се покаже како достоен за неа, бидејќи, наградата прави чест, само ако и ти ѝ правиш чест нејзе, преку напорите да ја заслужиш. За лауреатот Картареску, којшто во последниве години често се споменува како сериозен кандидат во трката за Нобеловата награда за литература, меѓународните критичари велат дека тој во моментов го претставува најдоброто од европската современа книжевна сцена.
Билјана Жеревска
