НАТО и Русија го оживуваат заедничкиот совет
Во Брисел состанок на советот НАТО- Русија, кој долго време беше суспендиран. На маса, надминување на тензиите за Украина. Западот ја обвини Русија дека подготвува инвазија на Украина со 100 илјади војници. Москва ги отфрли обвинувањата. НАТО не претставува закана за Русија, освен ако Алијансата не е под закана, изјави заменик- државниот секретар на САД, Викторија Нуланд...

Се ближи ли крајот на острата реторика меѓу НАТО и Русија? Нов обид да се оживее стариот дипломатски формат. По билатералните разговори меѓу Вашингтон и Москва во Женева преговорите за надминување на тензиите околу Украина продолжуваат во Брисел.
„Русија сега има избор. Да тргне по патот на дипломатијата и дијалогот или да се конфронтира и да ги носи огромните последици од одлуките. НАТО е одбранбена алијанса чија единствена цел е да ги заштити своите членки“, изјави Викторија Нуланд - државен потсекретар на САД.
На состанокот на советот на ниво на амбасадори се разговара за обвинувањата кон Русија дека подготвува инвазија на Украина, но и за барањата на Москва за безбедносни гаранции и прекин на проширувањето на Алијансата кон исток.
„Многумина велат дека НАТО е безбедносен аранжман за Европа. Тоа не е точно! НАТО е еден фактор на безбедност, другиот фактор е Русија. Гледаме дека НАТО ја притиска Украина па затоа правиме сè за да ги намалиме ризиците“, изјави Андреј Келин- амбасадор на Русија во Обединетото Кралство.
Советот НАТО-РУСИЈА е основан во 2002 година. Откако претседателот Путин го анектираше Кримскиот полуостров НАТО одби да разговара со Русија за политички прашања. Оттогаш, двете страни разговараат еднствено за каналите за комуникација во случај на криза или размената на информации за маневри и движења на воените сили.
По Брисел, разговорите продолжуваат во Виена во рамките на Организацијата за безбедност и соработка во Европа.
Маријана Димовска
