Руско - Украинска криза

Западот и Русија и понатаму со заострена реторика

02.02.2022 11:59

Британскиот премиер Борис Џонсон, кој беше во посета на Киев, предупреди дека ќе бидат воведени санкции во моментот кога Русија ќе го направи и најмалиот чекор во Украина.

Дипломатија на висок тон во обидите за наоѓање на мировно решение за руско-украинската криза. Британскиот премиер Борис Џонсон, кој беше во посета на Киев, предупреди дека ќе бидат воведени санкции во моментот кога Русија ќе го направи и најмалиот чекор во Украина. Неговиот домаќин, претседателот Володимир Зеленски тврди – војната би била проблем на цела Европа, а не само двете поранешни советски републики.

„Подготвуваме пакет санкции и други мерки кои би биле активирани при првиот најмал чекор на украинска територија. Сето ова е подготвено и не е чин на непријателство кон Русија, туку доказ дека секогаш се залагаме за слобода и демократија, и за суверенитетот на Украина при закана од агресија“, вели Борис Џонсон, премиер на Обединетото Кралство

„Го очекуваме моментот кога Русија ќе ги повлече трупите од нашите граници. Ова би бил многу важен сигнал и најискрениот одговор од Руската федерација на прашањето за тоа дали ќе се продолжи со ескалација или не“, вели Володимир Зеленски, претседателот на Украина

Москва ги обвини САД за провокација и занемарување на грижите на Кремљ околу НАТО силите во Европа. Западот е убеден дека Русија планира инвазија во Украина иако Русија постојано ги отфрла ваквите тврдења.

„Како што знаете, НАТО ни вети дека нема да ја проширува својата инфраструктура ни за милиметар кон истокот. Денес гледаме дека НАТО е во Полска, Романија, во Балтичките земји. Зборуваа едно, а направија друго“, вели Владимир Путин, претседателот на Русија

Во селото Трудовскик, Доњецк, деветмина кои ја преживеаја последната војна со години живеат во засолниште. Помош добиваат од Црвениот крст. Повеќето се надеваат на дипломатско решение, но еден од нив смета дека е потребно уште поголемо насилство за да се реши проблемот.

Русија го анектираше Крим во 2014 година откако беше симнат од власт прорускиот претседател Виктор Јанукович. Вооружените сепаратисти го зазедоа поголемиот дел од регионот каде што се зборува рускиот јазик и прогласија независност во Доњецк и Луганск. Во судирите меѓу двете страни настрадаа околу 14 илјади луѓе.

Маја С. Филдишев