На повидок самит Бајден-Путин
Од Белата куќа дадоа начелна согласност за самитот за „безбедност и стратешка стабилност во Европа“, но под услов да се одржи само доколку Русија не ја нападне Украина. Но, од Кремљ велат дека е прерано да се организира самит.

На повидок самит меѓу лидерите на САД и Русија. На иницијатива на францускиот претседател Макрон, се отвора пат за излез од една од најопасните европски кризи во последните децении. Од Белата куќа дадоа начелна согласност за самитот за „безбедност и стратешка стабилност во Европа“, но под услов да се одржи само доколку Русија не ја нападне Украина. Но, од Кремљ велат дека е прерано да се организира самит. Портпаролот Песков изјави дека не се направени конкретни планови за средба.
„Можам да кажам дека е постигнато суштинско разбирање за потребата од продолжување на дијалогот на министерско ниво. Прерано е да се зборува за какви било конкретни планови за организирање какви било самити“, изјави официјалниот портпарол на Кремљ Дмитриј Песков.
Украинското МНР ја поздрави иницијатива, но Киев побара веднаш да се воведат барем дел од санкциите кон Москва.
„Се надеваме дека двајцата претседатели ќе излезат со договор за Русија да ги повлече своите сили од Украина. Ова ќе биде јасен показател дека Русија е подготвена за деескалација“, изјави министерот за надворешни работи на Украина Дмитро Кулеба.
Од ЕУ велат дека ги поддржуваат обидите за разговор меѓу Вашингтон и Москва. Шефот за надворешна политика вели дека работи на исклучување на сценариото за војна.
„Кога ќе дојде моментот ќе повикам на вонредна седница. Санкциите се надлежност на советот, важно е да се знае којшто одлучува во овие институции. според мојот предлог, ние сме подготвени на вонредна седница кога ќе дојде моментот, но се надевам и работиме тој моментот да не дојде“, рече Жозеп Борел висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност.
Веста за самитот доаѓа по една недела зголемени тензии поттикнати од акумулацијата на руски војници долж украинската граница. Руските сили се распоредени од крајот на минатата година, за што западните земји тврдат дека е вовед во инвазијата, нешто што Москва категорично го негира. Обид да исчекор ќе се направи неделава, кога треба да има состанок меѓу американскиот државен секретар Блинкен и шефот на руската дипломатија Лавров.
Маријана Димовска
