Значењето на дигиталната компонента на образовниот процес
Серијал колумни од Билјана Жеревска- новинар и магистер по студии на политики...

Колку големо значење има темата: „Новите технологии во образованието“, посочува и Светскиот економски форум: „Имаме наставници од 20-тиот век, кои едуцираат ученици од 21-виот век. Се соочуваме со стогодишен процеп. И пред пандемијата младите луѓе беа соочени со курикулуми со кои не стекнуваа вештини потребни за современиот пазар на трудот.“ Според овој форум, веќе е неодложно „да се редизајнираат вештините што им се предаваат на учениците, од застарени во такви што се потребни за современиот свет, каде што младите луѓе, за да бидат успешни во работата, треба да стекнат нови комуникациски вештини, да располагаат со критичко мислење и да се прилагодуваат, како и да продолжат да се образуваат во текот на целиот свој живот. “
Суштинската потреба ов воведување нои технологии во образованието ја увиде и УНЕСКО, па според оваа организација, потребно е дигиталната педагогија се промовира на два начина: преку подобрување на процесите на предавање, како и низ учење со дигитални решенија и со олеснување на пристапот до образовните ресурси.
Во многу земји, образовните политики за развој на дигиталната писменост се фокусирани на развојот на инфраструктурата, без притоа да се земаат предвид обуките или мотивирањето на наставниците за ефикасно користење на опремата со која располагаат. Така, дигиталната револуција во педагогијата се случи децении по компјутерската доминација од 80-тите години на минатиот век. На крајот од 20-тиот век ИКТ стана стандард во повеќето американски и европски земји преку употребата во наставата, учењето, оценувањето, менаџирањето и комуникацијата во училиштата. ИКТ од 80-тите години до денес се основниот катализатор на иновативните процеси во образованието.
Годишниот извештај на УНЕСКО го истакнува најголемиот предизвик со којшто се соочуваат креаторите на политиките: проширување на дигиталниот јаз или недостиг на подобрувања во областа на дигиталната писменост во земјите во развој. Последниве децении, кај голем број земји во развој, дигиталната писменост стана национален приоритет. Општите стандарди за мерење на резултатите во образованието речиси секогаш ги таргетираат проблемите поврзани со едукативните активности за ИКТ, каде што широко се користи методологија поддржана од ИКТ.
Дигиталниот јаз може да се надмине само ако се стави во фокус дигиталната писменост во образованието, преку стекнување стандардизирани дигитални компетенции на наставниците и учениците за ракување со дигитални алатки со кои ќе можат да се вклопат во трендовите на 21-виот век, во кој разни веб-апликации, енциклопедиски сајтови и социјални мрежи ќе станат простор каде што ќе може да се црпе и да се разменува знаење, искуство и креативност.
Пандемијата со КОВИД-19 нагло го стави во погон образованието од далечина во целиот свет, па така и нашата земја беше принудена да реагира соодветно на здравствената закана која ги принуди училиштата да ги затворат училниците. Во текот на март 2020 година Владата на РСМ ги донесе основните документи за пренесување и организација на наставата од далечина поради со што се овозможи учениците и студентите да го продолжат образованието во вонредни околности. На тој начин, од порано создадената основна инфраструктура на ИКТ во образованието беше ставена на испит, како и капацитетите на наставниот кадар да се соочи со силни предизвици да се пренесе наставата на интернет. Притоа, станаа видливи неискористените можности за целосно и добро опремување на училиштата со интернет и ИКТ технологија, незадоволителната обука на наставниот кадар за употреба на ИКТ во наставата, недостигот на видеоматеријали за таков тип настава, немање поддршка на наставниот кадар за подобрување на нивните дигитални компетенции,. Воедно, стана видлива и исклученоста на значителен дел од учениците од образование на далечина, затоа што нивните училишта не располагаа со ИКТ опрема и интернет, како и редица други слабости на нашиот образовен систем.
Владата на РСМ со законска сила одлучи наставата, оценувањето на учениците и полагањето на испитите и колоквиумите да се изведува со примена на средства за електронска комуникација.Спроведувањето на наставата транзитираше кон онлајн просторот преку двонасочна комуникација помеѓу професорите и учениците, која се одвиваше главно преку е-пошта, Zoom, Microsoft Teams, GoogleClassroom, Moodle, Viber, Skype, телефонски повик, WEBEX и Courses.
Семејниот живот исто така беше нагло променет бидејќи еден од родителите, или дури и двајцата родители, ја презедоа улогата на домашни воспитувачи и поголемиот дел од времето се справуваа со одговорноста да работат од дома и истовремено да ги следат часовите на интернет со своите деца.
МОН, во текот на летото 2020-та, подготви Концепт за развивање систем за образование од далечина во основните и во средните училишта.
Во Концептот се посочува недостигот на стратешки и нормативни документи на кои може да се базира наставата од далечина, кои би обезбедиле стандардизиран приод во нејзиното реализирање; недоволни теориски и практични педагошки знаења за настава од далечина кај сите вклучени во образовниот процес; недоволни дигитални компетенции кај чинителите во образовниот процес на учење од далечина; лоша ИКТ опременост на училиштата, наставниците и семејствата.
Иако овој Концепт ги мапира сите сегмненти на кои треба да се темели образовната реформа, сепак, нему му недостига потемелна фокусираност на сржта на промената, а тоа се: прецизно дефинирани иновативни наставни методи кои се овозможени од потенцијалите на новите технологии со цел да бидат прилагодени пред сѐ на визуелната перцепција на новите генерации кои се родени во дигитално опкружување; фокусирање на интерактивна и персонализирана настава; интердисциплинарност во курикулумите и фокусирање на кодирањето во наставата. Иако во Концептот се предвидува кариерен развој на наставниот кадар, не е прецизирано како ќе се измери постојното ниво и како ќе се градираат новостекнатите вештини. За тоа постојат јасни стандарди и водичи кои се применуваат во светот и кои може да се се земат како инструмент. Потребно е да се подготви водич за дигитални компетенции за наставниците, при што наставниците ќе можат самостојно да го утврдуваат своето ниво на дигитални компетенции во различните сфери на образовниот процес. (ЕuropeanCommission 2020). Според поф. Владимир Трајковиќ, тоа значи дека еден наставник може да има подобри дигитални компетенции во една сфера (на пр., креирање на дигитални едукативни материјали или за интеракција), но помали во друга сфера (на пр., за оценување, за работа во групи). Потоа, врз основа на нивото на компетенции во дадена област, би се реализирале таргетирани обуки со цел да се подобри нивото на компетенции по области. Воедно, во Концептот не е предвидено во секоја образовна институција да има и дигитални координатори кои би биле системски вклучени во развојот на компетенциите на наставниците и кои би работеле со нив на интегрирање на наставните програми со новите технологии.
Од предвидените е-содржини во Концептот може да се заклучи дека неговите креатори не се докрај навлезени во суштината на настава поддржана од ИКТ, дека тие главно се задржуваат само на првиот површен слој, а тоа е комуникацискиот сегмент и форматот како предмет за пренос на податоци. Но, всушност, новите технологии во процесот на образованието се едукативно, а не технолошко прашање. Воопшто не е важен носачот на информацијата, тоа е развоен сегмент што постојано се менува, она што е значајно е како таа технологија се употребува за развивање на креативноста и за логичкото расудување кај учениците. Во 21-виот век, младите генерации сведочат аугментативна реалност, потоа, преку виртуелната реалност, исто така, со различни програми може да се создаваат анимации(пр. апликацијата Стоп моушн). На тој начин употребената технологија ја редефинира класичната еднонасочна настава, а преку креативно и атрактивно обликувани материјали се задржува вниманието и се пренесува знаењето, при што паралелно се развиваат креативноста и логичното расудување.
Продолжува...
