Mедиумска писменост- појава, развој и значење
Серијал колумни од Билјана Жеревска- новинар и магистер по студии на политики...

Со цел да го дефинираме поимот дигитална писменост како вештина којашто е неопходна за остварување на процесот на онлајн образованието, потребно е најпрво да го објасниме поширокиот контекст, пред сѐ, што се опфаќа медиумската писменост.
Потребата од една нова писменост во образованието први ја забележале културнo-општествените критичари и теоретичари Маршал Меклуан и Џон Калкин, кои го истражувале влијанието на масовните медиуми во САД. Откако е забележано дека емитувањето содржини каде што има сцени со насилство преку телевизиите директно влијае на асоцијалното однесување, веќе од 1972 година во САД медиумската писменост стартува како јавна политика, а потоа истото се случува и во Канада. Од северноамериканскиот континент медиумската писменост како јавна политика пристигнува во Европа и во Австралија.
За истата тема, уште од шеесеттите години на минатиот век, нагласен интерес покажува и УНЕСКО, кој најпрво изработи модел за медиумско образование, а во 1982 година донесе „Декларација за медиумско образование“ што ја потпишале 19 земји. По низа меѓународни конференции на кои се расправало за структурата, финансирањето и функцијата на масовните медиуми во општеството и колкави се аналитичките вештини на граѓаните за следење на пласираните идеолошки и естетски содржини, нараснала свесноста дека е неопходно да се воведе медиумско образование, поврзано со граѓанската слобода на изразување и со правото на информирање, кои се клучни за виталноста и развојот на демократијата. Од 2006 година УНЕСКО ја надополнува медиумската писменост со информатичката писменост, како неопходност наметната од новата технолошка револуција.
Големо интересирање за медиумската писменост покажува и Европската Унија, која има донесено разни директиви, резолуции и препораки поврзани со медиумската писменост. Поголемо раздвижување на активностите на тој план поттикна „Директивата за аудиовизуелни медиумски услуги“ од 2007 година, која претставува еден од стожерите на медиумската политика на ЕУ. Во овој акт, медиумската писменост е дефинирана како „вештина, знаење и разбирање која на конзументите им овозможува ефикасно и безбедно да ги користат медиумите... да направат избор врз основа на информациите, да ја разберат природата на содржината и услугите и да го искористат целиот спектар на можности што ни ги нудат новите комуникациски технологии“.
Други значајни документи на ЕУ се „Европскиот пристап кон медиумската писменост во дигиталното опкружување“ и „Препораката за медиумска писменост на Европската комисија“ на ЕУ. Во првиот акт се разработува аудиовизуелната дејност, како и новото онлајн информирање, потоа комерцијалните и други аспекти, а во вториот се врши притисок сите земји членки на ЕУ да ја унапредат медиумската писменост во своите земји преку соработка со регулаторните тела за аудио и аудиовизуелни комуникациски услуги. Освен тоа, се инсистира и на истражувачки проекти за медиумската писменост, но и новата писменост да се вклучи во образованието. Овие и други документи на ЕУ претставуваат база за стратегиски пристап кон медиумската писменост.
За поимот медиумска писменост веќе се создадени повеќе дефиниции, но најчесто е цитирана дефиницијата што е прифатена на Конференцијата за медиумска писменост одржана во Вашингтон, 1992 година, во организација на Институтот Аспен, а која гласи: „медиумската писменост е способност за пристап, анализа, евалуација и комуницирање на информации во сите нивни форми“, додека медиумски писмен човек е секој оној што умее „да декодира, да анализира, да оцени и да продуцира како печатени, така и електронски медиуми“. Накусо, се става акцент на развивањето способност за граѓанско критичко размислување и оценување, а таа способност треба да се развие преку соодветно образование за медиумите, имајќи ја предвид новата ситуација во која луѓето, а особено децата во општеството секој ден се изложени на огромно медиумско влијание преку телевизијата и другите медиуми.
Светската и особено европската определба да се поттикне медиумската писменост за да се зајакне граѓанското демократско влијание во општеството врз јавните политики го создаде контекстот во којшто овој нов вид писменост се прошири и пристигна кај нас. Должноста да се промовира медиумската писменост во некои земји ја имаат преземено министерствата за образование и култура (Бугарија, Чешка, Данска, Франција, Норвешка и др.), во Финска таа се остварува преку разни секторски политики, а за таа цел Велика Британија и Германија ги задолжиле нивните тела за регулирање на медиумската дејност.
Нашата држава е една од оние групи земји што медиумската писменост ја имаат врамено во своето законодавство, обидувајќи се да се вклучи навреме во оваа релативно нова сфера. Така, имајќи ги предвид „Директивата за аудиовизуелни медиумски услуги“ на ЕУ и „Препораката за медиумска писменост“ на Европската комисија на ЕУ, медиумската писменост е внесена во „Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги“, донесен на 25 декември 2013 година. Со тоа медиумската писменоста станува една од целите на Законот опишани во чл. 2, а потоа е спомената и во чл. 6, каде што се определени надлежностите на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ), меѓу кои е и обврската да се грижи за медиумската писменост. Истиот закон, од следната година па до почетокот на пролетта оваа година, беше уште осум пати дополнуван.
Треба да се каже и дека Македонија, напоредно со грижата за медиумската писменост, настојува да се вклучи и во техничко-технолошките промени што се одвиваат во светот. Почнувајќи од 2005 година, МОН е задолжено да создаде услови за компјутерско описменување, односно познавање и работа со информатичко-компјутерски технологии, додека Министерството за информатичко општество и администрација започна со активности за е-вклучување. Во новите наставни планови кои се дел од тековната реформа, веќе има организирано внесување на образовни содржини од сферата на медиумската писменост.
Таква е рамката во која се креира државната јавна политика за медиумската и дигиталната писменост кај нас, чија основна цел е да се развие способноста на граѓаните за ефективно користење, разбирање и свесно учество во сите форми на комуникација, а со тоа и во демократскиот и политичкиот процес. Со тоа нашата земја настојува да се вклучи во остварувањето на оваа важна применета политика на ЕУ во јавната сфера. Ваквата поставеност на медиумската писменост произлегува од определбата на ЕУ, имено, дека таа претставува „капацитет за критичко толкување на текот, значењето, вредноста и последиците од медиумската содржина во своите многу форми, за да им се овозможи на граѓаните да ги користат медиумите и ефективно да комуницираат преку истите“.
Продолжува...
Значењето на дигиталната компонента на образовниот процес (4)
