Груевски не ги признава изборните резултати, бара предвремени избори
Во Македонија се случија мафијашки избори. Колку и ОБСЕ да ги оцени како позитивно спроведени на секој граѓанин му е совршено јасно дека фер и демократски избори во Македонија немаше, рече Груевски, обвинувајќи за редица нерегуларности во текот на гласањето, но и неправилности во текот на изборната кампања.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски не ги признава резултатите од локални избори, кои, како што рече вечерва по завршување на гласањето од вториот изборен круг, никогаш нема да ги смета за фер и демократски.
Во Македонија се случија мафијашки избори. Колку и ОБСЕ да ги оцени како позитивно спроведени на секој граѓанин му е совршено јасно дека фер и демократски избори во Македонија немаше, рече Груевски, обвинувајќи за редица нерегуларности во текот на гласањето, но и неправилности во текот на изборната кампања.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ побара организирање предвремени парламентарни избори, согласно Пржинскиот модел кои ќе бидат спроведени од техничка Влада, на истиот начин како што беа организирани Парламентарните избори во декември 2016 година, смена на директорот на Агенцијата за аудио и аудиовизулени и медиумски услуги и избор на нов на предлог на опозицијата, оставка од претседателот на Државната изборна комисија Александар Чичаковски и враќање на старото законско решение и избор на претседател на ДИК од редовите на опозицијата.
Груевски побара и итна истрага и вештачење со нивно учество на уредите за прислушување на УБК заради отворено сомнение дека полицијата врши прислушување на најмалку 100 лица од ВМРО-ДПМНЕ, завршување на судењето за случајот „Поткуп“, основање специјално јавно обвинителство со ингеренциии за, како што рече, расчистување на изборните резултати од изборите во 2016 и 2017, како и на злоупотребата на целиот државен апарат за изборни цели. Побара и ослободување на притворените за случувањата од 27 април.
Македонија денес се соочи со екстремно недемократски поход по секоја цена СДСМ и Заев да добијат некаков си легитимит кој е потребен за почеток на операцијата за редефинирање на државата по сите основи. Македонија денес се соочи со најнов жесток напад да се срози и уништи ВМРО, односно да се уништи имунитетот на Македонците и способноста и волјата да ја одбранат својата држава со државност и државни карактеристики како што ги знаме, рече Груевски.
На овие избори, според Груевски, ВМРО-ДПМНЕ се соочила со двоен противник: СДСМ, како традиционачлен и легитимен политички противник, и полицијата, која била ангажирана за партиски цели и интереси на СДСМ. Целата полиција падна на испитот заради дел од неа што работеше како партиска.
Во неправилностите што ги наброја се индиции за поткуп на гласачи, партиско агитирање, притисоци, закани и уцени од униформирани и неунифирмирани лица, физичка пресметка, информации за организиран бугарски воз односно ставање однапред заокружени ливчиња.
