ПРЕДИЗВИЦИТЕ НА ДИГИТАЛНОТО ОБРАЗОВАНИЕ (6)

Дигитална писменост- пат кон просперитетна иднина

14.05.2021 11:48

Серијал колумни од Билјана Жеревска- новинар и магистер по студии на политики

Новите технологии  навлегоа во сите области на современиот живот. Во овој контекст, дигиталната писменост стана многу повеќе од способност за ракување со компјутери.

Важноста на дигиталната писменост е докажана со многубројните национални и регионални напори за развој и спроведување рамки за дигитална писменост и стратешки планови за зајакнување на овој вид писменост на граѓаните . Секоја земја на различен начин и од различни причини пристапува кон усвојувањето на рамките кои ја дефинираат дигиталната писменост.

Во полиси брифот на УНЕСКО,  дигиталната писменост се споредува со традиционалната писменост и нумерирањето, бидејќи опфаќа збир на основни вештини кој вклучува употреба и производство на дигитални содржини, обработка на информации и пребарување, учество на социјалните мрежи за создавање и споделување на знаење, како и широк спектар на професионални компјутерски вештини. Во овој документ се потенцира дека во различни контексти постојано се повторуваат следниве поими: „пристап“,„управувај“,„разбирај“,„интегрирај“, „комуницирај“, „оценувај“ и „создавај“.

Оттука, тие ја предлагааат следнава дефиниција за дигитална писменост:

Дигиталната писменост е способност за пристап, управување, разбирање, интегрирање, комуникација, евалуација и креирање на информации, безбедно и соодветно користејќи дигитални технологии за вработување, пристојни работни места и претприемништво.

Од општоприфатената дефиниција за дигитална писменост е воочливо дека таа вклучува компетенции кои се нарекуваат различно: компјутерска писменост, ИКТ писменост, информациска писменост, како и најшироката синтагма,  медиумска писменост.

Воедно, посебно значајно е што УНЕСКО ја нагласува примената на дигиталната писменост како можност за вработување, пристојни работни места и претприемништво, со што акцентот се става на создавање кадри кои во иднина би биле компетитивни на светскиот пазар на трудот. Одговорност на секоја држава е да им овозможи на учениците такво образование низ кое ќе ги стекнат овие вештини, а без кои во иднина не би биле рамноправни со своите врсници од развиените земји.

Дигиталната писменост претставува, всушност, концепт што опфаќа повеќе вештини, но напоредно со овој поим се фреквентни и други слични поими кои не се исти со поимот дигитална писменост. Покрај тоа, терминот дигитална писменост е во блиска корелација и со другите видови писменост (на пр., читање и пишување, математичка компетентност), кои се составен дел на образованието.

Во мај 2007-та година, Советот за образование  предложи индикатори за следење на напредокот кон Лисабонските цели за образование и обука. Многу од нив се со директно значење за дигиталната писменост – ИКТ вештини, граѓански вештини, учење за учење, учество на возрасни лица во доживотно учење. Високите вредности во овие области секако налагаат развој на дигиталната компетентност. Во овие компоненти е наведен и професионалниот развој на наставниците и обучувачите, што претставува клучен показател колку се значајни новите методолошки вештини стекнати и применети на работното место.

Во современиот свет дигиталната писменост претставува животна вештина затоа што таа ги таргетира сите области на современото постоење. Во минатиот век суштинската промена беше премин од производство на стоки во давање услуги. Тоа резултираше со економија заснована врз информации и знаења. Денес, компјутерите ја заменуваат работната сила, пред сѐ онаа што врши рутински физички и когнитивни задачи, но воедно тие ги надополнуваат работниците кои вршат нерутински задачи поврзани со решавање проблеми. Современите организации и компании се соочуваат со реструктуирање на работата, што значи хоризонтални организациски структури, децентрализирано донесување одлуки, широко споделени информации, флексибилни услови за работа и соработка во проектни тимови. Компаниите што ги применуваат овие промени во организациските структури и во деловните практики бараат нови вештини како и зголемена улога на ИКТна работното место заради комуникација, споделување информации и симулација на деловната активност. Рутинските когнитивни и рачни задачи во економијата опаѓаат, а нерутинските, аналитичките и интерактивните задачи се зголемуваат. Сето ова резултира со нови практики за кои се бараат работници со можност флексибилно да одговорат на низа комплексни проблеми, ефективно да комуницираат, да управуваат со информации, да се способни за работа во тимови, да користат технологија и да произведуваат ново знаење. Овие способности ретко се предаваат во училиштата. Образовните системи денес се соочуваат со предизвикот дигиталната писменост да се вгради во сите нивоа  на  образованието, како и во професионалниот развој на наставниците.

Современите животни вештини опфаќаат сложен систем на знаење, вештини, способности и мотивациски фактори, кои мора да се развиваат според потребите на нивните специфични домени, со цел граѓаните  да бидат функционални во современите општества.

Анализирајќи ја дигиталната писменост од аспект на општообразовните цели, логично се наметнува заклучокот дека е неизбежно, доколку употребата на ИКТ е основна вештина неопходна за 21-виот век, таа да биде вклучена во сите области на наставата. Дигиталната писменост има позитивен ефект врз основните вештини и компетенции на учениците. Студијата спроведена од Агенцијата за комуникации и технологија на Велика Британија, БЕКТА , покажува дека интегрираната технологијата во британското образование овозможува низа позитивни исходи за учениците, вклучително и подобар напредок на девојчињата и момчињата во клучните фази, односно старосни групи од пет до десет години. Студијата покажува дека учениците што имаат талент за предметот Математика напредуваат многу побрзо кога им е развиена дигиталната писменост и кога предметите од областа на математиката и науката педагошки им се пренесуваат преку употреба на ИКТ. Исто така, значаен показател се и резултатите од Генералниот сертификат за средно образование (GCSE), според кој може да се заклучи дека оние ученици што имаат добро развиени вештини за дигитална писменост постигнуваат подобри резултати по сите предмети.

Генерално, дигиталната писменост има позитивни ефекти врз вештините што се потребни за успешно совладување на материјалот. Дигитално писмените ученици можат полесно да пристапуваат до информации бидејќи им се достапни во дигитална форма сѐ поголем број податоци, сместени во депоа до кои е полесно да се пристапи отколку до традиционално базирани ресурси за учење.

Управувањето со информациите е компонента на дигиталната писменост што студентите ја стекнуваат и ја користат во нивниот приватен живот, како дел на онлајн заедниците, преку различните социјални мрежи. Технологијата и пристапот до мрежата носат и потенцијални опасности. Бидејќи децата се дел од овој систем, тоа е посебно сензитивна тема и сè повеќе се развива свесноста за нивните дигитални права. Заштитата и правата на децата кои се вклучени на интернет е иницијатива чијашто цел е конструирање на таков дигитален свет што ќе биде потранспарентен и заштитувачки кон нивното место во овој виртуелен и јавен простор.

Баронесата Бибан Кидрон, претставник од Горниот дом на Парламентот на Обединетото Кралство, позната како гласноговорник за заштита на онлајн правата на децата, смета дека современото општество има голема одговорност спрема децата, а тоа значи дека сите веб-сајтови до кои имаат пристап децата треба да имаат прилагоден дизајн соодветен за нивната возраст и обезбедена заштита на нивните податоци:

“Податоци се вашата локација, адресата на вашето училиште, групата пријатели, работите што ги сакате или не ги сакате, историјата на пребарувања. Податоци се вашата личност на интернет и мислам дека кодот ќе ни одговори кое е нивото на приватност што треба да го има секое дете“.

Институтот за информатички технологии во образованието при УНЕСКО, потсетувајќи дека погоре споменатите вештини се директно поврзани со основните компетенции,  смета дека дигиталната писменост во 21-от век сѐ повеќе се изедначува со општата писменост:

„Овие вештини се директно поврзани со основните компетенции; затоа, дигиталната писменост е исто толку значајна  како и традиционалната писменост – како што се читање и пишување, сметање и менаџирање на социјалното однесување“.

Потврда за оваа теза на УНЕСКО е тоа што меѓу доминантните теми  арената „Ексел“во Лондон, каде што се одржува Саемот на новите технологии БЕТТ, секоја година е присутен и акронимот СТЕМ, кој ги означува науката, технологијата, инженерството и математиката како заедничко поле на изучување, област во која се наоѓаат најголемиот број на најдобро платените професии. Во овој контекст, јазот меѓу развиениот свет и државите во развој сè повеќе се продлабочува, а надлежните органи и дизајнери на политиките изнаоѓаат начини сите ученици да добијат иста можност за развој. Според Ерик Клопфер од Едукациска аркада на МИТ, современото учење треба да се одвива преку разгледување проблеми или преку проекти што интегрираат  различни дисциплини од општествените науки, литературата, уметноста, но и од науката, технологијата, инженерството и математиката:

“Има голема промена од СТЕМ: наука, технологија, инженерство и математика, во СТЕАМ: наука, технологија, инженерство, уметност и математика. На многу начини треба да ги заборавиме акронимите и треба да ги интегрираме во учењето, каде што многу дисциплини се интегрираат заедно.“

Истражувачот Итан Донахју од Универзитетот „ТУФТС“ го споделува истото мислење дека во активностите на часовите треба да се вклучуваат повеќе дисциплини околу зададени теми и смета дека притоа е потребно ангажирано  учество на децата:

“Да изградиме физичка слика на тие метакогнитивни идеи што очекуваме нашите ученици да ги доживеат. Ако треба да учат за нечија историја или култура, како да направиме подобри активности за да ги засилиме клучните концепти.“

Новите тенденции во современата настава, каде што „се става акцент на поголем стандард во предметите СТЕМ“, според Марк Херберт, раководител на Образовната  програма при Британскиот совет, може општествените науки да ги притиснат на маргините и да доведат до нецелосно образование и апелира:

„Клучно е да се подобри разбирањето на културата, на уметноста, како и можноста да се изразиш себеси и да се поврзеш со другите во други делови од светот, од други култури, од други земји“.

Ова сериозно укажување на Марк Херберт е особено важно ако се има предвид дека во современото дигитално општество е неопходно образованието да ги негува граѓанските демократски вредности и да ги подготвува учениците и студентите за активна улога во демократизацијата на граѓанското општество. Притоа, образованието треба да поттикнува поголема граѓанска свесност и одговорност спрема различните култури и идентитети со оглед на изразените барања за поголема правда и за пошироко демократско уредување на современото општество, чија карактеристика е културниот диверзитет или културниот плурализам (Чупеска).

Во таа смисла, особена улога има комуникацијата, која е значајна компонента на основната писменост, но која длабоко се видоизмени со појавата на дигиталната писменост. Новите ИКТ овозможуваат брз проток на информации, поголема веродостојност и пристап до поширока публика од кога било во минатото. Дигиталната писменост може да поддржува други видови писменост преку употреба на соодветни и релевантни медиуми со цел соодветно да ги прилагоди и да ги презентира информациите во најразличен социокултурен контекст.

Продолжува...

Mедиумска писменост- појава, развој и значење (5)

Значењето на дигиталната компонента на образовниот процес (4)