М-НАВ

Најавени нови оставки во Контролата на летање

04.01.2024 14:42

Старата година заврши со масовни отказни решенија во Контролата на летање, а денеска се најавуваат и нови оставки во знак на поддршка. Причина се последните несоодветни вработени кадри. Од Синдикатот, денеска, велат дека не се исклучува можноста да почнат со штрајк и да го блокира македонското небо за прелети...

Ескалира револтот на вработените во Македонска навигација. 30-тина контролори на летање и помошници контролори најавија оставки од раководните позиции поради случувањата со вработувања во М-НАВ, но и како поддршка за нивниот синдикален лидер Александар Тасевски. Тој беше повикан во полиција откако доби кривична пријава од директорите Фахрудин Хамиди и Фасим Деари за загрозување на нивната животна сигурност. За синдикалниот лидер ова е обид за притисок врз вработените, но и за зачувување на директорските позиции.

Ако не се промени состојбата во М-НАВ, Синдикатот по празниците размислува да оди на штрајк, но и чекор подалеку, со целосно затворање на воздушниот простор.

Тасевски со повик до Трудовиот инспекторат и Антикорупциска да ги чешлаат последните огласи за вработување во институцијата, за кои тврди дека се спорни по низа основи. Синдикалниот лидер го повика и Обвинителството, да истражи како биле потрошени 280.000 евра пари со кои требало да се изгради нова зграда.

Според директор на М-НАВ, Хамиди, безбедноста на воздухопловниот сообраќај во ниту еден случај не е загрозена.

 

Викторија Милевска