Балканот во фокусот на ЕУ
Најмоќната жена во 2014 година, според магазинот Форбс, ги собра на иста маса премиерите на балканските земји...

На премиерскта средба што е во тек, Меркел, Груевски, Рама, Вучиќ, Ѓукановиќ, Милановиќ, Тачи и останатите учесници дебатираат за засилена регионална соработка пред се во економијата. Балканот повторно е ставен во фокусот на германската надоврешна политика.
Македонија на Берлинскиот самит ќе побара да биде поприсутна во регионот во политичка и економска смисла, бидејќи смета дека предизвиците и нерешените прашања во регионот се предизвици и за ЕУ. Германија како една од најмоќните во Унијата би можела да помогне во нивно надминување. Македонија ќе предупреди дека игнорирањето на нерешените прашања ќе придонесе за нивно продлабочување, ќе ги повика земјите на регионот преку почитување на посебностите и достоинството како фундаменти да ја градат заедничката иднина. Берлин сака на процесот на проширување да му даде нов импулс, најдобар начин за тоа е преку засилена економска соработка. Самитот почна утрото токму со теми од економијата. Македонија испрати порака дека е отворена за проекти особено од енергетиката и инфраструктурата, а одлична во спроведувањето на реформите пред се заради подобрување на можностите за сопствените граѓани исто како и за исполнување на стандардите на ЕУ.
„Ја искористивме можноста да ја презентираме идејата за формирање на еден регионален пазар и регионална берза за електрична енергија, нешто што би помогнало да се обезбеди и поефтина енергија и посигурно снабдување со електрична енергија не само во Македонија туку и во целиот региона“, рече вицепремиерот за економски прашања, Владими Пешевски.
„Генералниот став на сите држави на Балканот е дека треба да бидеме поунифицирани, по координирани и исто така идејта на Германија е дека Балканот да биде поунифициран за да биде поатрактивен како пазар“, рече министеррот за економија, Беким Незири.
Освен премиерот Груевски, министрите Пешевски и Незири, во Берлин е и шефот на македонската дипломатија. Дел од овој еднодневен самит е посветен и на надворешната политика.Министерот Поповски има средба со своите колеги од балканските земји, а домаќин е сојузниот министер Франк Валтер Штајнмајер.
Тој во писмена изјава меѓудругото порачува:
„Сакаме да ја искористиме нашата средба за да го испочитуваме досегашниот напредок на регионот на патот кон ЕУ. Истовремено ќе дискутираме за прашањата кои се клучни за темпото и успехот на приближувањето на Западен Балкан кон ЕУ, притоа сигурно ќе стане збор и за тоа како земјите може да продолжат со неопходните реформи. Со оглед на актуелните меѓународни кризи во нашето соседство сакам да се консултирам со моите колеги за тоа како заедничките европски вредности и интереси засилено да се пресликаат во единствена надворешна европска политика“, порачува Франк Валтер Штајнмајер.
Балканот од Берлин испраќа порака дека е подготвен за засиелна регионална соработка, пред се во трговијата и со заеднички инвестиции во енергетиката и инфраструктурата да му даде нова динамика на процесот на проширување. Берлин, пак преку овој балкански самит сака да стави јасно до знаење дека и покрај ногуте други приоритети високо на агендата на ЕУ е и интеграцијата на земјите од југоисточна Европа.
Горан Петрески
