НАТО ја засилува воената поддршка за Украина
Нови ракети, системи за воздушна одбрана и муниција за Украина. НАТО сојузниците најавуваат засилена воена помош, додека Зеленски бара дополнително оружје, авиони Ф-16 и укинување на ограничувањата за користење на сателитската комуникација „Старшилд“.

НАТО сојузниците ја засилуваат поддршката за Украина. Најавени нови ракети, системи за воздушна одбрана и муниција.
„Руските бомби продолжуваат да паѓаат врз украинските градови. На Украина ѝ е потребна нашата поддршка, а сојузниците на НАТО ја обезбедуваат“, изјави Марк Руте – генерален секретар на НАТО.
За Вашингтон приоритет треба да биде одбраната, а не нападите длабоко во Русија. Зеленски, пак, бара повеќе ракети, авиони Ф-16 и оружје со долг дострел, како и укинување на ограничувањата на сателитската комуникација „Старшилд“.
„Ограничувањето на брзината на „Старшилд“ и натаму е во сила во окупираните територии. За ова разговараме со американската страна“, изјави Володимир Зеленски – претседател на Украина.
Велика Британија најави 240 милиони фунти за украинската воздушна одбрана. Во меѓувреме, Москва предупреди дека воените вежби во Полска укажуваат на можност за распоредување мултинационални сили во Украина. Нов состанок на Коалицијата на подготвените е најавен за утре во Берлин.
