Стабилни и постојани девизни приливи од дијаспората
Централната банка пресметала дека чистите дознаки достигнуваат околу 12% од БДП, но многу поважно е за кои намени се трошат...

Секоја година меѓу 18 и 20% од БДП се слеваат во Македонија во вид на приватни трансфери. Анализите велат дека девизните приливи се постојани и релативно стабилни, без оглед на глобалната економска криза. Лесно може да се види во која земја нашинците имаат поголем финансиски потенцијал. Дури 70% од дознаките потекнуваат од земјите на Западна Европа.
„Од Германија се 24%, Италија 22, Австралија13, Швајцарија и Турција по 11%,Австрија 5, Словенија 3 и од САД и Канада заедно 9% ”, рече Антонио Милошоски, претседател на Комисијата за надворешна политика.
Централната банка пресметала дека чистите дознаки достигнуваат околу 12% од БДП, но многу поважно е за кои намени се трошат.
„Од 55 до 80% од вкупниот прилив се користи за потрошувачка, се трошат од семејствата, а помал дел од 11 до 18% биле наменети за инвестиции и за подолгорочно штедење“, изјави Димитар Богов, гувернер на НБРМ.
Треба да се подобри комуникацијата со дијаспората. Различни се интересите зависно на која генерација припаѓаат. Младите се насочени кон кариерата и образованието. Точно се знае кој од дијаспората може да помогне, односно има финансиска моќ, смета министерот Веле Самак кој живеел 14 години во САД .
„Дали ние имаме таква дијаспора со огромен капитал, која може да дојде тука и да направи огромни инвестиции. Помладата генерација се уште е во фаза на акумулација на капитал“, вели Веле Самак, министер за странски инвестиции.
Во дијаспората има многу ресурси, но со ретки исклучоци, индивидуалниот капацитет е недоволен самостојно да отвори нови работни места, вели Самак. Тој смета дека треба да се понудат атрактивни проекти, а економскиот интерес покрај патриотизмот ќе ги мотивира иселениците да инвестираат во татковината. ММФ препорачува издавање државна еврообврзница за иселеници, а гувернерот Богов сличен инструмент за локалните власти.
Девизни дознаки од странство
Година милијарди евра
2009 1,092
2010 1,325
2011 1,400
2012 1,500
Свето Николовски
