Непоставувањето на притисокот на Мостарскиот аеродром клучно за падот на кингерот

08.01.2015 16:55

Пилотска грешка – кобна за летот на кингерот во кој загина претседателот Трајковски. По извештајот од повторената истрага, МТВ трага по одговори. Искусниот пилот во пензија, Методи Ристоманов вели – клучно било непоставувањето на притисокот на Мостарскиот аеродром...

Непоставување на притисокот што го имало на Мостарскиот аеродром на висиномерот на кингерот е веројатно причината поради која пилотите отстапиле од дозволената висина при слетувањето. Пилотот во пензија, Методи Ристоманов, кој обучил 40 пилоти токму за овој аеродром, за МТВ вели дека пилотите не смееле да го изостават ова при  слетувањето.

„Надвор од аеродромската зона се лета по меѓународна стандардна сфера, тоа е 760 милиметри живин столб мерено на ниво на море, па сите авиони кои летаат, мора да се придржуваат на тоа. А, кога се доаѓа во зона на аеродромот, мора да се постави притисокот кој владее таму, за кога ќе слета висиномерот да покаже нула. Според мене, најверојатно тука е грешката“, изјави пилотот и инструкторот на пилоти во пензија, Методи Ристоманов.

Веднаш по падот на Кингерот, Ристоманов знаел дека се работи за пилотска грешка. Ги познавал условите на Мостарскиот аеродром , ама ги знаел и временските прилики дента кога се урна авионот. Со сигурност знаел дека пилотите при слетувањето немале никаков визуелен приод. Иако Кингерот има најопремен кокпит, сепак, процедурата над Мостар се одвива преку радиски средства, а не преку радар, па се останува на одлуката на пилотот.

„Според мене, пилотот барал да ја види земјата, штом ја изгубил земјата, тргнал пак надолу, но се случи тоа што се случи. Контролорите на летање даваат упатства, пилотот е тој што донесува одлука“, додава Ристоманов.

И извештајот од повторната истрага потврди дека пилотите направиле седум грешки како директни причини за несреќата, од кои последната била кобна за летот.

 

Фиљана Кока