Владата бара проект менаџери- ќе бидат ангажирани најспособните!

09.01.2015 17:14

Проект менаџери ќе ги следат и координираат владините проекти. Извршителите ќе работат во кабинетот на премиерот и ќе вршат анализа на конкретни проекти. Кандидатите треба да имаат завршено високо образование, огласот е отворен до 21 јануари. Од Владата велат дека ќе бидат ангажирани најспособните кандидати...

Проект менаџери ќе ги следат, анализираат и координираат владините проекти. Ќе даваат предлози и препораки за забрзување на динамиката на нивната реализација и ќе помагаат за подобра соработка меѓу одделните институции вклучени во одреден  проект.

Извршителите ќе работат во Кабинетот на премиерот и ќе вршат квантитативна и квалитативна анализа на конкретни проекти, нивните буџети и степенот на реализација.

„Добро е да се акцентира дека е потребен кадар на проект менаџери, лица кои имаат искуство со работа на проекти, кои знаат да анализираат рокови, буџети, носители на реализација на проектите и кои имаат пошироки познавања на поголем број на сектори и кои со нивните знаења и вештини би можеле да придонесат кон посилна динамика или надминување на одредени предизвици при реализација на самите проекти“, изјави портпаролот на владата, Александар Ѓорѓиев.

Кандидатите треба да имаат завршени високо образование од економски, правни, технички или природни науки и да имаат најмалку три годишно работно искуство во реализација и управување на проекти.

„Точниот број на лицата кои ќе бидат ангажирани не е определен со овој повик. Бројката на ангажираните лица ќе зависи од компетенциите и квалитето кој ќе го покажат кандидатите и од процесот на селекција, од размената на мислења ставови и на идеи, односно утврдување на она што тие го имаат како визија за спроведување на програмата“, додава Ѓоргиев.

Огласот е отворен до 21 јануари 2015-та и аплицирањето е можно единствено електронски, преку владината интернет страница.

Порпаролот Ѓорѓиев нагласува дека ќе бидат ангажирани најспособните и најсоодветните кандидати, а секој обид за лобирање или ургенција ќе се смета за слабост и неверување во сопствените капацитети.

 

Свето Николовски