Недоличните изјави на Пендаровски и Фрчковски- ниско ниво на култура
Не стивнуваат реакците од присутните на граѓанскиот собир во понеделникот за навредливите коментари на Стево Пендаровски и Љубомир Фрчкоски упатени до нив. Велат - навредите кои асоцираа дека народот е овца и долна класа се одлика на немање демократски капацитет и приказ за егоистичниот карактер на овие луѓе кои во желбата за власт упатуваат навреди кон сопствениот народ...

„Срамно е луѓе кои далеку стигнале во професиите и во политиката, да дадат изјави кои се граничат со здравиот ум“ - не стивнуваат реакциите од присутните на граѓанскиот собир што го организираше ВМРО-ДПМНЕ за коментарите на Стево Пендаровски и Љубомир Фрчковски. Аналитичарот Александар Пандов вели дека го покажува нивното ниско ниво на култура и начинот на кој ги перцепираат граѓаните.
Според синдикалецот, Дојчин Цветановски неприфатливо е претседателски кандидати да гледаат потценувачки на народот.
„Луѓе кои дадоа такви изјави, луѓе кои двајцата беа претседателски кандидати, во најмала рака беше за неверување, неприфатливо, срамно и веројатно за некоја дијагноза за која јас не сум стручен да кажам. Се чувствувам потиштен од аспект на тоа дека можат луѓе кои толку далеку достигнале во својата професија и на политички план, да дадат изјава која се граничи со здравиот ум и памет“, вели Цветановски.
Реакции стигнаа и од здружението на бранителите „Бедем“, од студентите од Младинскиот европски едукативен центар и од Средношколската унија на Македонија. Од „Бедем“ велат дека станува збор за класична навреда.
„Нивните зборови се навреда кон целиот македонски народ и кон бранителите кои се бореа за слободата и стабилноста на државата. Бранителите не се „овци” како што не прикажа Пендаровски, ниту некоја долна класа како што потценувачки сакаше да ги престави Фрчковски. Таму имаше горд македонски народ, бранители кои како секогаш се со својот народ и во функција на своја држава“, велат од здружението Бедем.
Студентите од Младинскиот европски едукативен центар сметаат дека Пендаровски и Фрчковски треба да се повлечат од политиката.
„Навредите од типот на асоцијации како онаа на Пендаровски дека народот бил овца или некаква долна и мизерна класа каква што сакаше да ја прикаже Фрчковски, се одлика на немање демократски капацитет, на тоталитарна матрица и приказ за егоистичниот карактер на овие луѓе кои во желбата за власт упатуваат навреди кон сопствениот народ“, велат од Младинскиот европски едукативен центар.
Од Средношколската унија на Македонија побараа извинување од двајцата политичари.
„Средношколците како рамноправни млади луѓе во општеството кои го поддржаа големиот и масовен граѓански собир не се овци како што мислеше и асоцираше пендаровски ниту долна класа како што прикажуваше фрчковски. Ова се долни и приземни навреди од кои мора да се оградат и да се извинат“, соопштија средношколците.
Еве ја изјавата на Пендаровски, дадена во рамките на обраќањето на демонстрните пред владата, која предизвика лавина реакции.
„Немојте да се чудите зошто луѓето таму се собрани во бачило, затоа што организаторот е пастир. Неколку специфики на нашиот собир и на нивниот и зошто е многу подобро ако сме луѓе да бидеме овде, а не таму. Прво, вчера овде имаше граѓани, таму има партиски членови, таму нема граѓани“, рече Пендаровски.
Наташа Гркова- Петрушевска
