Реформите да се спроведат брзо и совршено
Токму пред две недели, во резиденцијата на евроамбасадорот во Пржино, се потпиша договорот на четирите лидери на најголемите политички партии во Македонија. За политичката состојба и ЕУ персепктивите, Билјана Василева- Трендафилова, разговара со евроамбасадорот во земјава, г-дин Аиво Орав.
Амбасадоре, европското олеснување го подобри полтичкиот дијалог во Македонија. Како гледате на потпишаниот документ по неколку месеци и преговори и како тече динамиката, почнаа ли да се имплементираат делови од договорот?
Прво, благодарам што дојдовте. Ќе беше многу подобро ако немаше потреба за вакви преговори, ако можеа партиите да разговараат меѓусебно и да најдат решение самите. Во случајов, ЕУ и САД им помогнаа на партиите да дојдат до договор и тоа беше сторено. Беше доста доцна и се изгуби многу вредно време за земјава. Но, конечно е договорено и се надевам дека ова е крај за политичката криза, што почна на 24. декември 2012. Сега имате договор, имаме и ние, и се надевам дека договорот повторно ќе го отвори патот на земјава кон ЕУ и кон НАТО.
Македонија сега ја чека многу работа. Потребно е спроведување на низа рефпрми. Кои се приоритетите кои сега треба да ги имплементираат политичките партии?
Би ги распоредил во два сета. Прв приоритет е спроведувањето на договорот од 2. јуни и од 15. јули. Има многу критични прашања кои партиите може да ги протолкуваат на различни начини. Едно од критичните е специјалниот обвинител. Специјалниот обвинител со целосна автономија треба да биде назначен до 15. септември. Се надевам дека партиите ќе најдат решение самите, но ако има потреба, можеме да помогнеме повторно. Второ критично прашање е датумот 20. октомври, кога треба да бидат назначени двајца нови министри и петмина заменици министри. Најкритично е изгледа Министерството за внатрешни.
За реформите... ЕУ ѝ достави на земјава два важни документи. Првиот се итните реформски приоритети, а вториот е познат како „Извештајот на Прибе“, извештај што јасно кажува што треба да направи земјава итно бидејќи беше изгубено многу време. Воспоставивме работни групи, учествуваат четирите партии, почна со лидерските средби на четирите големи партии, во работата учествуваат ЕУ и САД и сега работните групи треба да ги почнат овие реформи најскоро што може, поточно веднаш.
Амбасадоре, дали договорот ја олснуга ЕУ перспективата на Република Македонија?
Најважното во договорот од 2. јуни е првиот параграф и би сакал да го повторам уште еднаш: „Партиите се согласуваат да ги стават интересите на земјата на прво место и да ја потврдат посветеноста на Евро-атлантскиот интегративен процес и демократските принципи“.
Според последните анкети на јавното мислење, 80% од народот дава поддршка за ЕУ и повеќе од 80% за НАТО. Тоа значи дека ова е желбата на народот од земјава, значи дека реформите што треба да се усвојат треба да се спроведат многу брзо и совршено. Ова е уникатна можност владата заедно со опозицијата и со граѓанското општество да ги спроведе реформите. Ако не се искористи сега, веројатно нема да има нова шанса. Прво е договорот да биде спроведен 100%, второ да бидат спроведени сите реформи препорачани за земјава.
Каква е ЕУ агендата за Македонија? И по шест години добивање на препорака за започнување на преговорите, може ли да очекуваме дека конечно ќе почнат преговорите со Унијата?
Го подготвуваме извештајот за напредокот во делегацијата на ЕУ и за нас рокот е 1. септември. Ќе известиме за сѐ позитивно и негативно што сме виделе, што треба да се направи во иднина. За жал, годинава нема многу позитивно во оваа фаза, но можеме да известиме дека има политички договор. Сепак, нормално е партиите да разговараат меѓусебно. После многу години гледаме дека четворицата лидери дојдоа и седнаа на иста маса, но тоа беше со помош на ЕУ и на САД во оваа фаза. Има само месец и неколку дена да се подготват и спроведат реформите. Доставивме листа препораки и се надевам дека август ќе биде искористен ефикасно.
Препораката за почеток на преговорите значи дека земјата ги исполнува копенхагенските критериуми, а копенхагенските критериуми значат дека земјата ги исполнува сите демократски принципи. Сите зборуваат за демократијата, но луѓето ја разбираат на различен начин. Демократија значи дека ако одам да гласам на избори, знам дека никој нема да знае за кого гласам, значи дека не се плашам дека ќе има притисоци кон мене или моето семејство за тоа за кого ќе гласам. Демократија значи дека можам да се изразам слободно. Демократијата значи дека ако ми се прекршени правата или човековите права можам да отидам на суд и да бидам сигурен дека судот е независен и нема политички притисок. Сите тие реформи се неопходни и напишавме во документите, пред сѐ во Извештајот на Прибе, што треба да се направи. Сега владата, опозицијата и граѓанското општество можат да покажат дека тие работи им се важни на граѓаните на земјава.
Го споменавте извештајот којшто Европската комисија ќе го објави наесен, политичката криза ќе има делумно влијание, сепак финалната оценка ќе ја видиме во октомври. Судството и медиумите се областите каде што се неопходни најмногу рефомри. Какви конкретни промени може да очекуваме во овие ресори до 24-ти април?
Медиумите и судството добија доста критички забелешки во минатогодишниот извештај за напредокот. Но, интересно е тоа што повеќето медиуми во земјава не сакаа да известат за тие критики во извештајот за напредокот. Во земјава, правилата се добри, законите се совршени, прашањето е спроведувањето. Во случајов, владата може да покаже дека се грижи за вредностите на ЕУ. Дадовме листа препораки и тие треба да се спроведат. Но пред сѐ, слободата на медиумите почнува од новинарите, од уредниците. Ако постои самоцензура, како може да има професионално новинарство? Ако новинарите и уредниците се плашат од нешто, како да известуваат независно, како што се очекува од јавниот сервис? МРТ е клучното прашање, бидејќи сте финансирани од плаќачите на данок, а тие очекуваат од вас независно и професионално известување.
И во време на политичка криза и напнатост, македонската економија добро се држи. Според статистиката, растот е во нагорна линија, а бројките покажуваат дека доаѓаат нови странски инвестиции, долгот е меѓу најниските во Европа? Како гледате на економската состојба во Македонија?
Сѐ е поврзано. Политичката криза веројатно влијае и на економскиот развој. Тоа е повторно во рацете на владата, на опозицијата и на другите партии. Ако биде целосно спроведен договорот од 2. јуни, ако почнат веднаш реформите, сигурен сум дека позитивните трендови ќе продолжат. Ако не се спроведе договорот, ако нема реформи, не сум сигурен дека ќе продолжат тие позитивни трендови.
Низа ЕУ проекти се спроведуваат во Македонија, на располагање се и парите од ИПАРД фондовите, каков е интересот за европските пари во нашата земја?
Сметам дека интересот е исклучителен. Во ЕУ, Заедничката земјоделска политика е една од клучните и најскапите политики. Доделуваме многу пари во земјите членки, како и во земјите кандидатки. Интересот е исклучителен, на луѓето не им се ни верува дека може да добијат пари од ЕУ. Ги искористивме манифестациите на Денот на Европа 9. мај да патуваме низ земјата, да објасниме дека е можно да се аплицира за пари од ИПАРД фондовите и како да се подобрат состојбите во земјоделството. Продолжуваме да го правиме тоа, има неколку проекти на ЕУ како да се спроведе подобро оваа политика, и, се разбира, се надевавме дека тоа ќе ја подобри состојбата на земјоделството во земјава.
Во Македонија нема растечки евроскептицизам за разлика од некои други земји, што покажува дека граѓаните сметаат на Европската унија. Смета ли Европа на Македонија?
Се разбира. Да не ни беше грижа, немаше да ни треба преговарачката маса пред две недели. Многу ни е грижа. Сакаме вашата земја да ѝ се приклучи на ЕУ најскоро што може. Се грижиме и се надеваме дека ќе добиеме позитивен одговор од ваша страна.
