ДУИ и ДПА не доставиле предлози до општинските изборни комисии
На полноќ истече рокот за пријавување на претставници на партиите за претседател, потпретседател и членови во општинските изборни комисии. ДИК треба денеска да се изјасни, дали се доставени предлозите, бидејќи тие се испраќаат до општинските комисии, а потоа листите се доставуваат до централната изборна комисија...

Демократската унија за интеграција не доставила предлози за членови на избирачките одбори, потврди за МТВ портпаролот на партијата Бујар Османи. Неофицијално и ДПА до законскиот рок, на полноќ, не доставиле предлози до општинските изборни комисии за членови на избирачките одбори. Зо ова повеќе од 10-на од вкупно 81 општинска изборна комисија ја информирале државната изборна комисија.Од партиската четворка, единствено само ВМРО-ДПМНЕ испрати предлози. Интегративците пак, заедно со ВМРО-ДПМНЕ веќе делегираа членови за избирачките одбори во дипломатско-конзуларните претставништва, за што крајниот рок беше 27-ми април. Државната изборна комисија ги чека официјалните информации од општинските изборни комисии.
ДИК синоќа го усвои записникот за доставата на листа од МВР за македонски државјани во електронска форма, за претставници во општинските изборни комисии и за извештајот на пријавените избирачи во дипломатско конзуларните претставништва. Според потпретседателот Прекопуца, избирачкиот список е реален.
„Некои викаат дека милион и 805 илајди што денеска се во избирачкиот список е преголема бројка. Мислам дека таа изјава сеуште е под импресија на последниот попис што го имавме во 2002-ра година, а според мое убедување и според логичноста, јас сум убеден дека Република Македонија има многу повеќе жители отколку во 2002-ра година“, изјави Реџеп Прекупуца, потпретседател на ДИК.
Опозициската СДСМ, деновиве соопшти дека нема да номинира свои членови, условувајќи го учеството на изборите со целосно пречистување на избирачкиот список, регулација во медиумската сфера и одвојување на партијата од државата. Лидерот на партијата Заев побара повлекување на одлуките на претседателот Иванов за помилување актуелни и поранешни функционери и нивни соработници и да се свика собраниска седница за одложување на изборите. Според законските одредби, ако политичките партии не испратат свои номинации во избирачките одбори, ДИК е должна да ги пополни местата со лица вработени во државната администрација. Прв јасен показател кој ќе учествува, а кој не на предвремените парламентарни избори закажани за 5-ти јуни, е 11-ти мај, до кога политичките партии треба да достават листа на кандидати за пратеници.
Според роковникот, јавниот увид во избирачкиот список што почна на 25-ти април, истекува в понеделник.
Милчо Велески
