ВМРО-ДПМНЕ ќе достави листи за кандидати за пратеници

11.05.2016 16:36

На полноќ истекува рокот за поднесување листи за пратеници. Досега, тоа единствено го стори Народното движење за Македонија на Јанко Бачев. Од ВМРО-ДПМНЕ информираат дека ќе достават кандидати. СДСМ останува на одлуката дека нема услови за избори. ДУИ и ДПА потврдија дека нема да имаат листи за пратеници...

ВМРО-ДПМНЕ ќе достави листи за кандидати за пратеници, потврди за МТВ директорот на Центарот за комуникации на партијата, Иво Котевски. Извршниот и Централниот Комитет на партијата доцна синоќа заклучиле дека нема поголем приоритет од почитување на Уставот и законите на државата.

Утврден е составот на листите и по завршување на сите формалности, во законски предвидениот рок, истите ќе бидат предадени во ДИК, вели Котевски.

Највисоките партиски тела исто така решиле да го поддржат учеството на преговарачкиот тим на ВМРО ДПМНЕ во процесот на изнаоѓање излез од кризата во која што,како што вели Котевски, СДСМ ја втурна Република Македонија.

Од ДУИ и од ДПА за МТВ потврдија дека до Државната изборна комисија нема да достават кандидатски листи. Портпаролот на интегративците Бујар Османи не сакаше да ја дообјасни одлуката, а Имер Алиу вели дека нема услови за избори на 5-ти јуни. Социјалдемократите и нивните коалициски партнери неколкупати го повторија ставот дека услови за фер и кредибилни избори на 5-ти јуни нема.

Лидерот на СДСМ Заев нагласи дека тие не се за нов фиксен датум за избори,туку за условен,што подразбира како што вели Заев, целосно пречистен избирачки спиосок,регулација на медиумите и одвојување на партијата од државата.

Народното движење за Македонија на Јанко Бачев до ДИК ги достави листите за пратеници за 6-те изборни единици. Од партијата велат дека услови за избори на 5-ти јуни, и дека тоа е единствениот излез од политичката криза. Бачев смета дека избирачкиот список е пречистен.

Откако ќе ги добие листите, Државната изборна комисија има 48 часа да утврди дали листата на кандидати е поднесена во утврдениот рок и дали е составена во согласност со одредбите на Изборниот законик. Евентуалните недостатоци, подносителите на листите ќе треба да ги отстранат, исто така, во рок од 48 часа.

 

Милчо Велески