ДИК ги потврди кандидатските листи на ВМРО-ДПМНЕ
Во законскиот рок, кандидатски листи за пратеници до ДИК доставија една коалиција, и две политички партии. Комисијата ја утврди листата за пратеници од Коалицијата предводена од ВМРО- ДПМНЕ за сите седум изборни единици. Народното движење на Бачев и Социјал-демократската партија на Јаневски имаат рок од 48 часа да ги коригираат неправилностите...

Во законскиот рок, на полноќ, до Државната изборна комисија кандидатски листи за пратеници за предвремените парламентарни избори на 5 јуни поднесоа коалицијата „За подобра Македонија“, предводена од ВМРО-ДПМНЕ, Народното движење за Македонија на Јанко Бачев и Социјалдемократската партија на Македонија на Бранко Јаневски. Листите на Народното движење за Македонија и на СДПМ се нецелосни со одредени неправилности. Не содржат најмалку 40 насто кандидати од женскиот пол, нема потврди за неосудуваност, потврда за регистрација на партијата и изјави од предложените кандидати. Државната изборна комисија ги потврди кандидатските листи на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ за сите 7 изборни единици.
Членот на Комисијата Бедредин Ибраими побара во решението на ДИК да поединечно да се нотира кој присуствувал на седницата. Веќе неколку седници наназад, во работата на комисијата не учествуваат членовите предложени од СДСМ, Милев и Дума.
СДСМ, ДУИ и ДПА, не доставија кандидатски листи. Интегративците без конкретен одговор за нивната одлука, од ДПА велат дека нема услови за избори на 5 јуни. Социјалдемократите и нивните коалициски партнери нема да учествуваат на изборите. Лидерот на СДСМ Заев изјави дека тие не се за нов фиксен датум за избори,туку за условен, што подразбира целосно пречистен избирачки список, регулација на медиумите и одвојување на партијата од државата.
Евентуалните недостатоци, подносителите на листите ќе треба да ги отстранат, исто така, во рок од 48 часа.
Милчо Велески
