Снегот ги спаси од катастрофа есенските посеви во Пелагонија

11.01.2017 14:21

Пелагонија со -22 степени ноќеска беше најстдудениот регион во земјава. Без снежната покривка есенските посеви беа на чекор до мрзнење. Земјоделците посакуваа снегот да падне порано. За понапредна вегетација, планираат ѓубрењето да започне порано. Агенцијата за поттикнување на развојот на земјоделието со свои препораки...

Снежната покривка ги спаси од мрзнење есенските посеви во најголемата житница. Без природниов изолатор, културите не ќе можеа да одолеат на студениот бран, посебно на синоќешните -22 степени, вели земјоделецот Митат Исмаиловски. Оптимално ќе беше да го имавме дваесетина дена порано, зошто во изминатиов перид студот влијаеше во братењето на посевите, посебно насеани во подоцежната фаза од есенската сеидба, вели еден од поголемите пелагониски земјоделци.

„Голомразицата ја исцрпи влагата и самиот корен што требаше да се развива и да придонесе за уште поголемо братење се кинеше од голомразицата и кај овие посеви не можеме да очекуваме големи приноси“, вели земјоделецот Митат Исмаиловски.

Снегот позитивно ќе делува и на потребната влажност на почвата, но тоа нема многу да помогне во напорите за поголемо произвотство, доколку прихраната годинава не ја започнеме многу порано, е пораката на Исмаиловски до своите колеги.

„Со првото станување на снегот и првите топли денови мора да се почне ѓубрењето за да на посевите им ја вратиме силата“, вели Исмаиловски.

Земјоделците да се ориентираат на семенски материјал кој е отпорен на уште пониски температури е само една од препораките на експертите.

„Користење на сертицифиран семенски материјал кој понатаму само тој ќе биде субвенциониран, навремена и квалитетна обработка на почвата и секако примена на современи агротехнички препарати, богати со калиум, азот, фосфор и микроелементи“ вели директорот на АПРЗ, Игор Златков.

Земјоделски операции се неминовни доколку се сака и солидна жетва. Годинашнава реколта на ниво на држава ќе се очекува од над 120.000 хектари од кои 84 се насеани со пченица, а останатото со јачмен.

 

Стевче Митревски