Екологија

Иако под заштита, на Шар Планина ќе се градат хидроцентрали

24.03.2021 15:52

Сѐ до прогласувањето за Национален парк, Шар Планина ќе биде под привремена заштита, но на ова подрачје и натаму ќе се одвиваат градежните активности за објектите, кои веќе имаат имаат одобрение за градба. Еколошките организации бараат итно стопирање на било какви зафати, особено во најзаштитениот иден појас на планината...

Иако под привремена заштита, на Шара ќе се продолжи со градење на хидроцентрали како и на други објекти, за кои веќе државата има дадено дозволи и концесии за производство на струја.

Заштитата сѐ до прогласувањето на ова подрачје за Национален парк, ќе значи мораториум за издавање на дозволи и постапки за било какви градежни активности, истакнаа од Министерството за животна средина.

Во меѓувреме, оттаму најавија и засилени контроли на Шарпланинскиот предел, за да не се злоупотреби периодот додека не се прогласи националниот парк и истиот започне да фунцкионира со сите служби на терен.

Еколошките организации сметаат дека Владата две децении купувала време со одлагање на процесот за заштита на Шара. Веќе доцна да се спаси планината кога се дадени концесии и дозволи за во најзаштитениот појас. Тоа што остана може да се зачува, ако се донесе забрана за било какви активности, како и остранување и уривање на постоечките објекти длабоко во планината.

На Шара 11 хидроцентрали се веќе во функција, девет се во фаза на изградба, а за уште пет се дадени концесии во најзаштитениот појас, за кои Министерството за животна средина води преговори со инвесторите да се откажат од градење кое значително би го нарушило биодиверзитетот и во недопрената шума, длабоко во пазувите на Шара.

 

Зоран Димовски