Во Скопје секој зборува како што сака
Грешки во интонацијата, третосложниот акцент, употребата на сленгови. Може ли македонскиот јазик да остане имун на надворешните влијанија, кога се почесто во говорот се одомаќинуваат странските зборови?
За грешките во акцентските целости и непочитувањето на нормата разговаравме со професорката Лидија Тантуровска...
Грешки во интонацијата, третосложниот акцент, употребата на сленгови. Може ли македонскиот јазик да остане имун на надворешните влијанија, кога се почесто во говорот се одомаќинуваат странските зборови?
За грешките во акцентските целости и непочитувањето на нормата разговаравме со професорката Лидија Тантуровска...
Се придржуваат ли новинарите, политичарите, јавните личности до македонскиот литературен јазик или, пак, сленгот станува сè почесто дел од јавните настапи и говори?
Кога станува збор за јавните настапи и говори може да се каже дека има отстапувања на сите јазични рамништа. Да почнеме по ред: Во последно време, под различни влијанија доаѓа до промена на изговорот на вокалите, што го менува целиот лик на македонскиот јазик. Ова се забележува особено кај помладите, што може да се слушне во емисиите што се емитуваат на телевизија, на радио. Секако,при зборувањето е многу важно да се почитува и третосложното акцентирање, една од најважните разликувачки карактеристики на македоскиот јазик. Во таа насока, е потребно и почитување на акцентските целости. Во последно време многу малку се користат, посебно при јавни настапи.
Јазичарите често детектираат и грешки во интонацијата.
Со неправилниот изговор се менува и интонацијата на реченицата. Во многу случаи кога се греши, интонацијата на исказот (на реченицата) завршува високо, невообичаено за македонскиот јазик. Тоа е под влијание на туѓите јазици и тоа не е својствено за македонскиот јазик.
Колку често странските зборови се одомаќинуваат во службениот говор?
Денес младите ако не се полиглоти, тогаш голем процент од нив го познаваат англискиот јазик. Зошто тогаш,познавањето на англискиот јазик, да не биде основа за негување на македонскиот јазик? На телевизиите сè повеќе има емисии за млади. Во тие емисии се бара креативност, инвентивност, но зошто таа креативност да не се насочи кон изнаоѓање зборови на македонски јазик, а не да се преземаат директно од англискиот јазик. Понекогаш со преземањето на зборовите целосно се нарушува граматичкиот систем. Кога ќе се внесе некоја лексема од англискиот јазик, таа, во граматичкиот систем, мора да си го најде местото, како на морфолошко, на зборообразувачко, така и на синтаксичко ниво. Потребен е член, потребно е усогласување во реченицата итн.
Дали овие нарушувања на подолг рок може да му наштетат на јазикот?
Може да се случи и тоа. По подолго време, со често употребување во секојдневието, ваквиот говор може да влијае, условно кажано, на нормата. Сметам дека поинаку треба да се сфатат работите. Нормата треба да се сфати како узус, како закон, којшто треба да се почитува.
Анита Димитријевска
