Анализа: Како се претставија кандидатите за шеф на државата?

11.04.2014 18:01

Вечерва на полноќ стартува предизборниот молк, во недела граѓаните ќе гласаат за претседател на државата. Изминативе 20-тина дена, претседателските кандидати ја претставуваа програмата.

Аналитичари за МРТ го оценуваат досегашниот тек на кампањата со оглед на тоа што слушнавме и позитивна и негативна и промотивна реторика...

„Земјата покажува една голема демократска зрелост, ова е еден избороен циклус кој за разлика од претходните изборни циклуси, се одликува со една условно кажана нормалност, немаме некоја си претерана еуфорија или некоја претерана енергија, станува збор за рутинска кампања која што тече од сите политички чинители, не забележуваме било какви политички тензии“, смета аналитичарот Ивица Боцебски.

Аналитичарот Владимир Божиновски смета дека постоеше и негативна кампања помеѓу кандидатите за претседател.

„Јас би рекол дека можеби господинот Пендаровски влезе во она што се нарекува ’негативна кампања’  каде се обидуваше да ги омаловажи други кандидати или да ги оцрни на некој начин, додека другите тројца кандидати останаа на онаа традиција, генелрано, претедателските кандидати да се изземат од меѓусебни навредувања“, вели Божиновски.

Последните истражувања, посебно она на институтот „Павел Шатев“, покажуваат дека досегашната владејачка гарнитура има значителна предност во однос на Социјал демократскиот сојуз.  Дали може оваа статиситка да се очекува на 27-ми април?!

„Тие 100 илјади гласови разлика меѓу ВМРО- ДПМНЕ и СДСМ, според релевантните испитувања на јавното мислење, сеуште се недостижни за Социјал демократскиот сојуз. Сметам дека дополнително тие си ги влошија своите шанси, во овие чудни изборни листи, јас би ги нарекол бизарни. Вакво нешто не сме виделе досега ниту во политичката историја ниту во политичката пракса во демократски земји, клучните луѓе да ги нема на листите, така што сето тоа на куп, се разбира дека влијае оваа предност на ВМРО-ДПМНЕ и натаму да биде јасна и недвосмислена“, објаснува Боцевски.

Според аналитичарите, чесно и вообичаено е тоа што група инелектуалци, отворено ја подржуваат кандидатурата на кандидатите за претседател...

 „Гледаме, како во последните неколку денови, посебно денеска, и низ медиумите и низ социјланите мрежи се изнесуваат многумина јавни личности, општественици, интелектуалци,  ги искажуваат своите симпатиии за кандидате за претседател на Република Македонија, сметам дека тоа е и чесно и вообичаено“, додава Боцевски.