Политика

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ на спротивни позиции за Уставот

11.03.2023 12:43

Во периодот што следи на маса ќе ги соочиме сите аргументи, ќе дискутираме со сите партии во Законодавниот дом, за час поскоро да продолжиме со европскиот пат на земјата – велат социјалдемократите. За ВМРО-ДПМНЕ ставот непроменлив – не само што нема мнозинство туку голем дел од пратениците на СДС не поддржуваат уставни измени...

„Важно е да се донесат уставните измени, со тоа се овозможува отворање на поглавјата од пристапните преговори на земјава со ЕУ – предупредуваат од СДСМ. Од владејачката партија најавуваат дека ќе се консултираат со сите политички субјекти претставени во Законодавниот дом. Планираат да ги соочат аргументите со нив за што е можно поскоро да се подготват уставните амандмани за внесување на бугарите и другите малцинства во преамбулата. Социјалдемократите не губат надеж дека опозиционерите од ВМРО-ДПМНЕ ќе учествуваат во процесот.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ велат дека ставот во однос на уставните измени е непроменет. Тие инсистираат на брзи предвремени парламентарни избори, зашто според нив, Собранието нема мандат да прави такви уставни промени.

Инсистирањето од власта за уставни измени што таа ги прифатила под бугарско влијание е неприфатливо, реагираат и од Социјалистичката партија на Македонија. Премиерот Ковачевски ја повика опозицијата активно да учествува во формирањето на работната група, координирана од Министерството за правда, којашто треба да ги подготви амандманите. За да поминат уставните промени е потребно двотретинско мнозинство.

 

Игор Панов