Македонија

Струмица доби ново Јавно претпријатие за градски превоз со електрични автобуси

16.03.2023 12:38

Општина Струмица донесе одлука за формирање на Јавно сообраќајно претпријатие кое треба да го воведе јавниот градски превоз со електрични автобуси во општината. Планот е до крајот на годинава да бидат набавени 10 тина еко автобуси на лизинг со кои ќе се реализира и училишниот превоз. Исплатата на електричните автобуси ќе се врши од блок дотациите што ги добива општината од државата за превоз на основците и средношколците...

Советот на општина Струмица донесе одлука за формирање ново Јавно претпријатие. Истото ќе се вика „Струмица транспорт“ а основна дејност ќе му биде воведување на јавен превоз со електрични автобуси во градот и приградските населени места, проект кој беше најавен при носењето на Буџетот. Со истиот би се опфатил и училишниот превоз кажа градоначалникот на Струмица Костадин Костадинов

Според проекциите, во план е набавка на 10-тина електричните автобуси. Истите би се набавиле на лизинг. Во наредниот период, новоформираното ЈСП Струмица Транспорт ќе има за задача да ги обезбеди сите потребни документи и согласности од држава за да отпочне да функционира

Во Буџетот на општина Струмица, за оваа година, за проектот јавен превоз со електрични автобуси се планирани 12 милиони денари.

До крајот на годинава се очекува да завршат сите административни постапки и набавка на првите еко автобуси, кои најверојатно на почетокот на идната, би почнале да се обраќаат по струмичките улици. Новото јавно претпријатие, допрва ќе ги утврдува автобуските постојки и автобуски линии со кои би се опфатил и училишниот превоз.

Ване Трајков