Здравство

Сѐ уште не е утврдена причината за смртта на девојчето во битолската болница

24.03.2023 12:33

Вонреден инспекциски надзор во битолската болница. Се испитува од што починало шестгодишното девојче. И Обвинителството проверува како било лекувано. Причината за смртта сѐ уште не е утврдена. Директорот на битолската болница повикан во Министерството за здравство...

Вонреден инспекциски надзор во битолската болница. Се испитува од што починало шестгодишното девојче. И Обвинителството проверува како било лекувано. Причината за смртта сѐ уште не е утврдена. Директорот на битолската болница повикан во Министерството за здравство.

„Веќе е отпочнат вонреден надзор за тоа што се случило во Битола. Информирано е и Јавното обвинителство во однос на овој случај. Врз основа на факти треба да се утврди што се има случено таму и врз основа на тие факти да се изречат соодветни санкции, таму каде што ќе биде потребно“, рече премиерот Ковачевски во одговор на новинарско прашање при денешната посета на Клиниката за гастроентерохепатологија во Скопје.

„Го чекаме исходот од надлежните служби, од ДЗСИ и инспекторите и веднаш уште во текот на денот ќе бидете известени. Сѐ уште не сме стапиле во контакт со семејството на девојчето. Прво чекаме да видиме што е грешката“, изјави министерот за здравство Меџити.

Родителите на малата Јана се сомневаат на лекарска грешка. Велат дека за смртта на нивната ќерка пресудна била инфузијата со гликоза што ја добила, иако предходно анализите покажале дека шеќерот во крвта и бил девет. По инфузијата, шеќерот се искачил на 19, состојбата ѝ се комплицирала, и дури по три часа им ја соопштиле тажната вест. Семејството сѐ уште не е контактирано од здравствените власти.