Наставниците и нивните предизвици во дигиталната ера
Серијал колумни од Билјана Жеревска- новинар и магистер по студии на политики...

Според УНЕСКО, во развојот на соодветни вештини кај учениците што им се неопходни во 21-виот век голема улога имаат наставниците, кои веќе се принудени да станат автентични ИКТ корисници и да умеат да ја интегрираат дигиталната писменост со другите основни компетенции во нивниот професионален и приватен живот. Воедно, дигиталната писменост на наставниците мора да вклучува знаења и вештини од образовната политика, како и за етичката употреба на ИКТ, но и да бидат во чекор со иновациите во дигиталната педагогија. Дигиталната писменост на наставниците подразбира ефикасна употреба на ИКТ во наставата и учењето, во професионалниот развој и во училишната организација. Во секоја од овие области се потребни различни групи на вештини. Со цел за непречен развој на истите, УНЕСКО иницираше низа активности за зголемување на компетенциите за ИКТ кај наставниците.
Основната цел на овој проект на УНЕСКО е да се оствари напредок во наставните практики, да се придонесе за поквалитетен образовен систем, кој ќе создава подобро информирани граѓани и поквалитетна работна сила, која ќе може да ги унапреди економскиот и социјалниот развој на земјите. Првата фаза од овој проект беше спроведена пред неколку години, а резултираше со ИКТ стандарди за компетентност на наставниците, со утврдување на соодветни ресурси и со давање упатства за подготовка, за да се овозможи наставниците да остваруваат суштинска улога во оспособувањето на учениците за употреба на дигиталната технологија. Втората фаза, наречена „Усогласување и распоредување“, се спроведува во моментов заедно со стратегиските ИКТ партнери на УНЕСКО, Мајкрософт, Циско, Интел и ИСТЕ, кои се ангажирани во креирањето на општа Матрица за вештини на наставниците и во изработка на соодветен силабус и пристапни услови. Третата фаза ќе биде поврзана со адаптација, локализација, проширување и процеси на апликација и сертификација. Воведувањето на дигиталната педагогија бара постојана адаптација на алатките во наставата, а освен тоа е неопходен и тренинг за прилагодување и развој на логичкиот систем со постепено усложнување. Тоа е глобален процес што се одвива со огромна брзина и од кој ќе отпаднат сите оние што нема да се вклучат во него.
Да се биде наставник во дигиталната ера, значи да се стои пред многу нови дилеми и предизвици, да се издвојат вистинските информации во морето информации, да се биде подготвен за континуирано совладување на нови вештини за дигитална настава и да се стекнат знаења за заштита на децата од различни видови злоупотреба преку интернет.
Оваа година, кај нас и во други земји, пандемијата го принуди системот на образование наставата да се изведува преку интернет, при што наставниците се соочија со вистински предизвик. Во ЕУ, најголем дел од државите и досега предвидуваа инвестиции во дигиталната инфраструктура на училиштата, а само една третина од нив предвидуваа мерки за обука на училишните раководства да го промовираат дигиталното образование. Околу половина од државите имаат свои политики за поддршка и ангажирање на т.н. дигитални координатори, кои вршат техничка и педагошка функција.
И нашата земја е вклучена во тој процес. Во еден период, сите училишта беа опремени со голем број компјутери со програмата „Компјутер за секое дете“, но најголем број од компјутерите денес се или застарени или не се употребуваат. Сите наставници поминаа обука за стекнување на основни ИКТ вештини, а директорите исто така имаа модул за обука за користење ИКТ во образованието. Стекнатите вештини на наставниот кадар низ досега спроведените обуки, во време кога наставата во многу училишта принудно мора да се изведува онлајн, ги стави на искушение и ги принуди наставниците да се соочат со вистинита дека и тие треба уште многу да учат како да им ги пренесуваат знаењата на учениците надвор од училницата, без табла и креда.
Истражувањето на „Метаморфозис“, спроведено во неколку основни училишта во РСM/Скопје, потврдува дека наставниците имаат потреба од континуирана техничка поддршка и обука за да бидат успешни во својата наставна работа што се изведува онлајн. Во ова истражување биле вклучени 675 наставници од основното образование, 46 лица од стручната служба и 27 лица од менаџерите на училиштата. Од нив, 58,3% сметаат дека биле доволно подготвени за онлајн настава, а 41% дека немале добра подготовка во моментот кога пандемијата ги затвори училиштата. Во врска со потребата за натамошна обука, 50% од наставниците сметаат дека би имале корист од натамошна техничка обука за активно користење на софтверите (алатките), 35,8% се изјасниле дека се потребни обуки за користење на просторот Cloud (Google Drive, Dropbox, итн.); 97,1% од сите учесници во истражувањето се искажале во полза на континуирана техничка поддршка на наставниот кадар за онлајн настава, но и дека би прифатиле дополнителни педагошки обуки за поуспешни резултати во ваков вид настава.
Во однос на ресурсите, во истото истражување е наведено дека речиси една половина од учесниците (44,5 %, n=337) пријавиле дека во училиштето, за службени потреби, користат сопствен или личен лаптоп, а речиси една третина од нив изјавиле дека интернет на училиште имаат само на својот мобилен телефон. Но, дури 70% (n=62) од наставниците што ја спроведуваат наставата на друг јазик или комбинирано (македонски и друг јазик) (N=88) сметаат дека има недостиг на образовни ресурси во училиштата каде што се спроведува настава на јазиците на помалите етнички заедници во РСМ.
Уште едно значајно истражување, овој пат спроведено од 6 до 30 мај 2020 година во основните училишта од територијата на општините Карпош и Валандово од страна на Бојан Кордалов, специјалист за односи со јавноста, даде слика на користењето на дигитални алатки во наставата: од вкупно 250 анкетирани наставници во основни училишта, 237 или 95 % се изјасниле дека користат дигитални алатки за време на наставата, а останатите изјавиле дека воопшто не ги користат во спроведувањето на воспитно-образованиот процес. Меѓутоа, од 250-те анкетирани наставници, 130 посочиле дека „не се согласуваат“ или „воопшто не се согласуваат“ дека имаат поминато соодветна обука за стекнување на потребните дигитални вештини. Нешто помал е бројот, односно 120 анкетирани наставници, се изјасниле дека „се согласуваат“ или „сосема се согласуваат“ дека имаат поминато соодветна обука за стекнување лични дигитални вештини кои се потребни за наставата.
Охрабрува тоа што првичните резултати од наведеното истражување јасно ја демонстрираат подготвеноста на наставниот кадар за дигитална трансформација на образованието, без што е невозможно да се воведе дигиталната настава. Според Кордалов, итноста за дигитална трансформација на образованието, наметната од пандемијата, ги притиска надлежните државни институции и локалните самоуправи да вложат засилени напори и да бидат вистинска поддршка на училиштата и факултетите во претстојниот период. Според мислењето на 55 % (137) од анкетираните наставници, анализата покажува дека тие немаат помош од стручни лица за правилно вклучување на дигиталните алатки во наставата, а 45 % (113) истакнале дека во нивното училиште има стручно лице што им нуди поддршка во процесот на воведување дигитални алатки во образованието .
Од друга страна, пак, средношколците се изјаснија дека не се задоволни од наставата во учебната 2019/2020 година, најмногу поради недоволното познавање на професорите како да ги употребуваат дигиталните алатки и предложија дури 13 препораки за далечинско учење за онлајн настава во учебната 2020/2021 година. Овие нивни заклучоци и препораки се извлечени од спроведената онлајн анкета на средношколците од целата земја од страна на Сојузот на средношколци, во која добиле одговори од 266 средношколци, кои истакнале дека професорите немаат доволно познавања за управување со платформите, „па на овој начин предавањето е неквалитетно и тестовите се нереални“.
И во заклучоците на новото истражување за наставниот кадар во основните училишта, а и од страна на Сојузот на средношколци се истакнува дека е неопходна континуирана помош од државните институциите, министерствата и општините за спроведување успешна дигитализација на образовниот процес. Кордалов смета дека во нашата земја се доцни со „замената на образование базирано на ’табла, бела креда и сунѓер’ со дигитално, базирано на интерактивни дигитални табли, со можност за далечинско учење и со воведување на дигитални платформи во целокупниот воспитно-образовен процес“. Пред сѐ, помошта е неопходна, како што вели Кордалов, бидејќи децата „денес буквално се раѓаат со мобилен телефон, комуницираат и со интернет и со ’чат’ апликации, а растат со социјалните мрежи и предностите кои тие ги нудат“ .Тој смета дека надлежните државни образовни институции во овој процес уште веднаш треба да покажат лидерство, дека треба „да не зависиме од политичките случувања, туку да функционираме независно и во склад со потребите на образованието и учениците, односно студентите“.
Неодамнешното искуство со онлајн наставата покажа дека и родителите беа во голема мера вклучени и имаа реален и сеопфатен ангажман во наставата. Така, на пример, Ивона Б., мајка на дете од четврто одделение, се изјаснила дека:
„Учењето во изминатиот период, кога децата учеа од дома беше тежок и макотрпен... Тешко беше да се сменат навиките и да се задржи таа концентрација, која ја имаат во училиште.“
Според неа, учителките покажувале голем интерес, иако и за нив тоа не било едноставно:
“Исто така голем проблем е што сето тоа што досега го сработеа, беше некако како на јуриш, колку децата запомнија од сите тие домашни и од таа онлајн настава, не знам. Ние се фокусиравме тоа да биде сработено детално и домашните задачи да се завршени навреме.“
Искуството поврзано со вклучувањето на ИКТ во образованието во Велика Британија покажува дека и таму овој процес не се одвива ниту лесно и ниту брзо. Според Ерик Шенингер од Меѓународниот образовен центар во Лондон: „Никој не сака промени. Ни наставниците, ни лидерите, ни родителите, ни децата“. Тој смета дека овој отпор трае сѐ додека наставниците не се убедат дека технологијата може да им помогне да остварат поуспешни резултати во наставата, а првичниот успех ги стимулира уште повеќе и тоа врши влијание врз децата и родителите, така што сите стануваат спремни за „културно поместување“.
И Гордон Дафи Мекги, директор за е-учење на колеџот „Мидесброу“, смета дека „Отпор има и секогаш ќе има. Некои сакаат да го задржат начинот на којшто тие учеле“. Според него, преку добри примери, наставниците ќе увидат дека со успешна примена на технологијата во образованието ќе заштедат време и хартија и нема да имаат зголемена работа, дека треба да го надминат стравот од постојано учење поради брзите промени во технологијата и опремата и сами ќе увидат дека во таа борба тие стануваат подобри и поуспешни наставници.“
Хелен Колдвел пак, советник за обука на професори од Универзитет „Нортхамптон“, смета дека станува збор за процес во којшто наставниците и учениците заеднички ги стекнуваат дигиталните вештини, дека: „Колку повеќе гледаат како уживаат учениците во тоа, како се ангажираат и се креативни, толку повеќе се подготвени неверувањето да го стават настрана и тие да се приклучат“. Но, наставникот треба секогаш да остане наставник, зашто тој е одговорен за процесот на учење и за резултатот од тој процес .
Според Луи Кири, советник за е-учење во колеџот „Барнет Саутгејт“, осврнувајќи се на поддршката што им ја даваат на наставниците, освен онаа за техничко умеење, тие имаат и менторска помош преку која стануваат поуспешни и го издвојува ставот на најдобрите наставници, кои секогаш биле отворени за нови искуства, дека токму тие покажувале голема спремност да научат како да ги употребуваат ИКТ во наставата, а во тој процес на заедничко учење со учениците оствариле многу поблиска заемна врска.
Мина Тана, наставник во колеџот „Барнет Саутгејт“, укажува на тоа дека силната поддршка од страна на управата и менаџерите е многу важна, дека нивниот колеџ е многу успешен затоа што „има цела катедра посветена на таа цел, која им помага и на наставниците и на учениците“. Овој колеџ, според Тони Бек, советник за квалитет во наставата во колеџот, има свој тим за е-учење, којшто ги следи наставниците и поединечно работи со секој од нив за да го подобрат користењето на ИКТ во наставата, како и наставници-тренери за предавање и учење.
Лора Вајт, координатор за дигитално учење во „Света Катерина“, смета дека една од клучните работи на кои се фокусирани во образованието е концептот на метакогниција:
„Ги учиме учениците и наставниците да размислуваат за размислувањето, и тоа на глас“.
Уште одамна е увидено дека примената на метакогницијата во учењето, што ја споменува уште Аристотел во своето дело „Де анима“, со помош на новите технологии во голема мера го олеснува процесот на осознавање, дека таа овозможува способност индивидуата да ги насочува своите ментални активности на повисоки нивоа. Преку „флиплрнинг“ или „превртено учење“, како и со помош на „развој на свеста“,во корелација со концептот за доживотно учење и континуирана едукација на кадарот, засекогаш и неповратно се менува поимот на она што досега претставуваше традиционално образование. Промените се длабоки, суштински, трајни и неповратни, а најголем придонес за оваа промена, покрај педагогијата и психологијата, имаат дигиталните технологии. Тоа е процес низ којшто ќе мора да поминува и нашиот образовен систем за да фати чекор со светот.
Продолжува...
Дигитална писменост- пат кон просперитетна иднина (6)
Mедиумска писменост- појава, развој и значење (5)
Значењето на дигиталната компонента на образовниот процес (4)
